Романскиот Уставен суд ќе може да поништи избори само врз основа на добро образложена жалба, предвидува предлог-закон
- Националистичката партија „Алијанса за обединување на Романците“ (AUR), втора по бројност во парламентот, денеска поднесе предлог-закон за измена на законот за организација и функционирање на Уставниот суд. Според предложените измени, судот ќе има право да поништи претседателски избори само врз основа на добро образложена жалба и докажана сериозна измама
Букурешт, 8 мај 2025 (МИА) - Националистичката партија „Алијанса за обединување на Романците“ (AUR), втора по бројност во парламентот, денеска поднесе предлог-закон за измена на законот за организација и функционирање на Уставниот суд. Според предложените измени, судот ќе има право да поништи претседателски избори само врз основа на добро образложена жалба и докажана сериозна измама, објави агенцијата Аџерпрес.
Долниот дом на парламентот е прв кој ќе го разгледа предлог-законот, по што ќе биде испратен и до Горниот дом – Сенатот.
Резултатите од првиот круг на претседателските избори минатата година беа поништени на 6 декември од Уставниот суд врз основа на податоци од разузнавачките служби, кои укажаа на странско влијание во корист на победникот Калин Џорџеску. Вториот круг беше откажан, а целиот изборен процес започна одново.
Партијата AUR организираше серија протести под мотото „Вратете го вториот круг“.
Според партијата и самиот Калин Џорџеску, кому не беше дозволено да учествува во повторениот изборен процес, Уставниот суд извршил „државен удар“.
Предлог-законот предвидува дека поништување на избори ќе може да се изврши само врз основа на добро образложена жалба и сериозна измама, без можност за поништување на целиот изборен процес по потврдување на резултатите од одржаниот круг.
Пред поништувањето на резултатот од првиот круг на 24 ноември, Уставниот суд на Романија веќе ги потврдил резултатите. ссм/
фото: архива