• понеделник, 23 декември 2024

Рикер: САД и ЕУ остануваат ангажирани во процесот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово

Рикер: САД и ЕУ остануваат ангажирани во процесот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово
Вашингтон, 24 јули 2020 (МИА) - Американскиот заменик државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер денеска во Брисел ќе се сретне со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за решавање на спорот меѓу Србија и Косово. Во одговор на новинарско прашање на телефонскиот брифинг синоќа, Рикер истакна дека САД остануваат ангажирани во процесот за нормализација на односите меѓу двете држави. - Новиот ЕУ претставник е запознат со регионот и овие прашања многу добро. Утре ќе имам можност да се сретнам со него во Брисел, и тоа го очекувам со нетрпение, изјави Рикер, изразувајќи надеж дека двете држави би можеле да преземат чекори за постигнување напредок. -Нашите амбасади во Белград и во Приштина остануваат активни, и се во близок контакт со тамошните влади, за да ги охрабрат да најдат начин за придвижување напред, рече тој. САД продолжауваат да работат со ЕУ и со сите заинтересирани страни за процесот да тече и даваат поддршка на обновениот дијалог. Рикер потенцираше дека Ричард Гренел, специјалниот претставник на Белата куќа за дијалогот меѓу Србија и Косово, работел со двете држави, со цел да ги подобрат економиите и животот на граѓаните. - Како соседи тоа ќе биде неизбежно, за да се помогне да се најде насока во нормализација на односите, и продолжување напред кон исполнување на нивните долгорочни цели и приоритети, за поголема стабилност и безбедност на регионот, истакна Рикер. Преговорите меѓу Приштина и Белград, кои кон крајот на јуни требаше да се одржат во Белата куќа, беа откажани, откако претходно Специјалното меѓународно обвинителство во Хаг покрена обвинение за воени злосторства против косовскиот претседателот Хашим Тачи, кој ги отфрли обвинувањата. Пред официјалниот почеток на судењето, како сведок во процесот, а во својство на еден од поранешните основачите на ОВК, повикан е и Али Ахмети, лидер на ДУИ, најголемата албанска политичка партија во Северна Македонија. кб/гт/

Остани поврзан