• сабота, 21 декември 2024

Рениер: ЕК упати ново барање до ТикТок за спротивставување на „информативните операции“ поврзани со изборите во Романија

Рениер: ЕК упати ново барање до ТикТок за спротивставување на „информативните операции“ поврзани со изборите во Романија

Брисел, 6 декември 2024 (МИА) - По вчера доставеното барање до ТикТок, Европската комисија денеска упати дополнително барање за информации до оваа социјала мрежа во врска со објавувањето на разузнавачки документи кои неодамна беа декласифицирани од страна на романските власти, соопшти денеска портпаролот на ЕК за дигитална економија, истражувања и иновации Томас Рениер. 

- Ние сме загрижени поради зголемените индикации за координирани операции на странско влијание преку Интернет насочени кон романските избори, особено на ТикТок, изјави Рениер. 

Тој потенцира дека ТикТок има рок од 24 часа да даде одговор на барањето, како и да преземе мерки за спротивставување на ваквите „информативни операции“ пред вториот круг од претседателските избор во Романија закажан за в недела. 

Барањето е упатено врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ, но како што посочи Европската комисија, тоа се однесува само на активностите на ТикТок, а не и на изборениот процес во Романија, прашање кое е на „романските власти и на крајот на романскиот народ“. 

Денешното барање следи откако Комисијата вчера му нареди на ТикТок да ги „замрзне и зачува податоците поврзани со реалните или предвидливите системски ризици, што нејзината услуга може да ги претставува за изборните процеси и граѓанскиот дискурс во ЕУ“.  

- Ова е направено за да се зачуваат достапните информации и докази во случај на понатамошна истрага на Комисијата за усогласеноста на ТикТок со неговите обврски според Законот за дигитални услуги, посочи ЕК. 

Налогот за замрзнување и заучување на податоците се однесува за објави поврзани со сите националните избори во Европската Унија во периодот од 24 ноември 2024 година до 31 март 2025 година. 

Истовремено, Еврокомисијата за денеска свика итен состанок на Европскиот одбор на координатори за дигитални услуги на кој ќе се разговара за досега преземените чекори во овој случај, за новите докази, како и за индикациите дека од налози во други земји членки на ЕУ се „таргетира романската дијаспора“. 

Минатиот петок ЕК испрати барање до TикТок за повеќе информации за тоа како се справува со ризиците од манипулација со информации, односно дали социјалната мрежа презела мерки за го ублажи ризикот од „неавтентична или автоматизирана експлоатација на неговата услуга“ и од нејзините системи за препораки. Ова беше второ барање од Комисијата до ТикТок за информации за функционирањето на системите за препораки поврзано со изборните процеси, по она од 2 октомври годинава. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан