• среда, 20 ноември 2024

Развоен просторен план за подобар животен стандард бараат општините од Југозападниот плански регион

Развоен просторен план за подобар животен стандард бараат општините од Југозападниот плански регион
Струга, 16 март 2022 (МИА) – Во рамките на инцијативата за изработка и донесување нов просторен план на Република Северна Македонија за развојниот период 2020 - 2040 година, градоначалниците од Југозападниот плански регион, денеска во Струга имаа средба со заменик министерската за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска и директорката на Агенцијата за просторно планирање, Андријана Андреева. Присутните беа запознаени со временската рамка и методологијата за изработка на овој значаен стратешки документ, кој треба да е во хармонија со европскиот пристап во планирањето, како еден од неопходните чекори во приближувањето и подготовка за пристап кон Европската унија. Постојната законска регулатива, според градоначалниците, го кочи развојот на регионот и тие не можат да излезат во пресрет на барањата на инвеститорите и граѓаните. - Да не се пренагласуваат и преземаат заштитни мерки во Охрид, Струга и Дебрца, бидејќи не може да се очекуваат позитивни развојни ефекти, ако целосно се стопираат потребите на граѓаните, во прв ред, изразени како потреби за градење на индивидуални куќи, нови сместувачки капацитети и ресторани со цел да се развива туризмот и угостителството како носечка гранка во регионот, апелираше градоначалник на Струга, Рамис Мерко. Тој оцени дека изнесените ставови на Националната комисија на УНЕСКО, се во спротивност со низа законски решенија, во делот на урбанистичкото и просторното планирање. - Низ дискусијата во која учествуваа и другите градоначалници и претставници од општините од регионот беше заклучено дека при изработката на новиот просторен план на државата треба да бидат земени во предвид развојните барања на општините, бидејќи без нив ќе нема економски развој, нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на населението, истакна Стојан Савески од Центарот за развој на Југозаападниот плански регион. Советот за развој на Југозападниот плански регион денеска ја одржа и втората седница на која беа усвоени извештаите за работењето на Центарот во 2021 година, како и акцискиот план за работа во тековната година. Во соработката со Швајцарската агенција за развој и соработка и преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој предвидено е да бидат инвестирани околу 80 милиони денари за проекти, со кои ќе се подобрува животот на населението во Југозападниот плански регион, имплементирани преку Центарот за развој.сс/свс/

Остани поврзан