• недела, 12 мај 2024

Пуштена во употреба новата автобуска линија Тетово - Попова Шапка - Тетово

Пуштена во употреба новата автобуска линија Тетово - Попова Шапка - Тетово

Тетово, 27 јануари 2024 (МИА) - Општина Тетово и јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ денеска официјално ја пуштија во употреба воспоставената автобуска линија Тетово-Попова Шапка-Тетово.

Градоначалникот Биљал Касами со повеќе соработници од јавните претпријатија и администрацијата со претставници на медиумите исто така патуваа од Тетово до Попова Шапка и назад со автобусите од градскиот превоз.

Градоначалникот Касами рече дека се прават вложувања со цел да се придонесе Попова Шапка освен национален да биде и регионален туристички центар.

- Ја промовираме автобуската линија и со ова цениме дека ќе придонесеме за развој на овој туристички центар. Тоа е во склоп на нашиот интерес и нашата програма за развој на туристичкиот центар, со оглед дека сакаме да инвестираме за отворање на нов пристапен пат околу 4 километри со што ќе се подобри инфраструктурата, исто така во делот на инфраструктурата, се инвестира во асфалтирање во патот во рамките на викенд куќите и населбата, исто при крај сме со носење на нов ДУП за Попова Шапка. Со сите овие инвестиции сакаме Попова Шапка да биде регионален туристички центар и за зимскиот туризам, за љубителите на скијањето но и за летниот туризам и за сите тие кои сакаат да ги посетат овие убавини на Шар Планина, истакна Касами.

Според податокот на Општина Тетово до 15 часот денес интересот е голем на граѓаните за користење на овој јавен превоз и дека над 200 патници ја искористиле можноста.

-Линијата ќе биде само за викенд, сабота и недела. За понатаму во план е истата да се користи и во останатиот период, изјави Арбер Ајдини, директор на ЈП „Тетово транспорт“.

Во текот на денот, ќе има четири термини од Тетово до скијачкиот центар и назад, а повратен биле чини 200 денари. Од Тетово кон Попова Шапка автобуси ќе тргнуваат во 08:30, 11:00, 14:00 и 17:00 часот со почетна точна – во близина на поранешната појдовна станица на жичарницата од градот до скијачкиот центар. За враќање од Попова Шапка кон Тетово предвидени се термините 09:30, 12:30, 15:30 и 18:30 часот.ас/свс

Фото: Општина Тетово

Остани поврзан