• четврток, 25 април 2024

Психо-социјално советувалиште за граѓаните на Охрид, бесплатни услугите за ранливите категории граѓани

Психо-социјално советувалиште за граѓаните на Охрид, бесплатни услугите за ранливите категории граѓани

Охрид, 3 март 2023 (МИА) – Во рамки на Општинската организација на Црвениот крст во Охрид започува со работа специјализирано психо-социјално советувалиште, како активност насочена кон подобрување на менталното здравје на граѓаните на Охрид и околината.

Предвидено е тим експерти составен од психолози, педагог и социјален работник преку методи на разговор, сугестија, интроспекција, набљудување да им помага на граѓаните на Охрид.

Охридскиот Црвен крст веќе советодавно по телефон работи со ранливите категории граѓани, но како што беше истакнато на денешната прес-конференција, сега помошта преку формираното советувалиште се проширува за сите граѓани од Охрид.

- Сите кои имаат потреба од помош од стручно лице може да се обратат во Црвен крст Охрид и да добијат соодветна советодавна услуга. Бевме сведоци во изминатиов период што значи менталното здравје, посебно после сите тие години на панедмија и кризи и видовме дека е едно од најранливите нешта. Сега со ова советувалиште се надеваме и насочуваме кон подобрување на менталното здравје на нашите граѓани, изјави психологот Ранко Раткушиноски.

Марија Чанова, магистар по психолошки науки и лиценциран психолог, како дел од тимот, вели дека нејзината улога би била во областа на советувањето на деца, млади, но и возрасни лица поврзани со менталното здравје, личниот развој, проблеми кои се јавуваат во домот, на работното место, во животот, фрустрации и конфликти.

Според неа, најзасегнати со таков вид проблеми се токму средношколците. Нејзините истражувања за нивото на анксиозност присутна кај средношколцитњ, укажале на потребата од сериозне приостап кон односниот проблем на младите.

- Секако не се издвоени и возрасните лица кои се соочуват со голем стрес како на работните места, така и со економската криза којашто не притиска сите. Сметам дека е добра можноста да дојдете, да поразговарате и да ги расчистите вашите дилеми во главата за да подобро функционирате на секое поле од животот. Разговорот е главен метод кој ние го користиме за подобрување на менталното здравје, но од друга страна сметам дека медикаментозната терапија можеби некогаш и е неопходна. Но, сепак зборот и добро насочената мисла, давање поддршка и позитивна енергија може многу да придонесе за подобрување на целокупното здравје, потенцира Чанова.

За лица од социјално загрозени семејства и лица со посебни потреби услугите на социо-психолошкото советувалиште ќе бидат бесплатни додека за останатите лица ќе биде со одреден надомест. аб/цр

Фото: МИА

Остани поврзан