• сабота, 18 мај 2024

Проштална средба на претседателот Пендаровски со амбасадорката на Индија, Капур

Проштална средба на претседателот Пендаровски со амбасадорката на Индија, Капур

Скопје, 18 февруари 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска во проштална средба ја прими Пуџа Капур, амбасадорка на Република Индија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, беше изразено задоволство од развојот на односите меѓу двете држави кои ги карактеризира заемно пријателство, доверба и почитување. Во таа насока беше реафирмирана заложбата за продолжување на политичкиот дијалог и целокупната соработка во сите сфери од заемен интерес, особено во економската област каде што постои голем потенцијал.

Соговорниците разменија мислења и за моменталните состојби во двете држави во контекст на пандемијата на Ковид-19, како и за мерките и активностите коишто се преземаат за справување со здравствените и социо-економските предизвици.

На средбата, како што стои во соопштението, беше нагласена важноста на неодамнешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Министерствата за здравство на двете држави, како добра почетна точка за поттикнување на соработката во здравствената сфера. 

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за посветеноста и ангажманот на амбасадорката Капур за време на извршувањето на одговорната дипломатска функција во нашата држава, посакувајќи и успех во извршувањето на идната должност, амбасадорка на Република Индија во Кралството Данска. дма/лв/

Остани поврзан