• петок, 17 мај 2024

Промоција на стихозбирката „Слобода А“ од Ана Голејшка Џикова

Промоција на стихозбирката „Слобода А“ од Ана Голејшка Џикова
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Во кафе-книжарница „Буква“, вечер од 20 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Слобода А“ од Ана Голејшка Џикова.
- Истовремено исполнета со љубов и страв од неизвесност, погодена од реални проблеми и притисоци под кои сите сме натиснати: живот во пандемија, под влијание на пропаганди и општа хистерија, притисоци што повторно ја будат бунтовничката во Ана, онаа што единствено може да живее од и за слободата, вели за стихозбирката, македонската поетеса Снежана Стојчевска.
Ана Голејшка Џикова (Скопје, 1987) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Автор е на стихозбирките: „Љубов на улица“ (2013, Култура) и „ Напишан дом“ (2018, Антолог); на сликовниците за деца: „Веселата зграда“ (2019, Арс Ламина) со илустраторот Драган Китановски-Драш, „Лисичката плетачка“ (2020, Арт и арт студио Батев) и „Лепчето што расте“ (2020, Арт и арт студио Батев), обете со илустраторката Иванка НиБа.
Нејзините песни се препеани на српски, на турски, на германски и на англиски јазик. Песните и кусите раскази се објавени во неколку антологии, а редовно објавува и во периодиката.
Учествувала на бројни поетски читања и фестивали во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“ (2018, Бегемот).
Голејшка е член на организацискиот одбор на „Скопски поетски фестивал“ и член е на ВИС „Тркалезна маса“ од Скопје.
Промотор на стихозбирката ќе биде Снежана Стојчевска, модератор Јулијана Величковска, додека за музиката ќе се погрижи дел од ВИС „Тркалезна маса“.
Изданието е поддржано од Министерството за култура. ар/мд/

Остани поврзан