• петок, 17 мај 2024

Промоција на стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска

Промоција на стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Во кафе книжарница „Буква“ во Скопје вечер ќе се одржи промоција на стихозбирката „Номадски затвори“ од писателката Ивана Јовановска.

Промотор ќе биде Јулијана Величковска, а стиховите ќе ги чита Андреј Ал-Асади.

-„Номадски затвори“ на Ивана Јовановска е емотивна имплозија. Поезија, небаре падната трепка што чека најнежниот здив на ветрот да ја однесе далеку, сосе трепетот. Пишувана во мигот на нишањето по најтенката можна линија помеѓу сонот и јавето, помеѓу животот и смртта, помеѓу љубовта и заборавот... онаму каде што најдалечните точки на земјата и најдолгиот пат до себе се среќаваат. Ова е книга за растењето, за созревањето, за себепронаоѓањето додека се огледуваме во другиот, додека се огледуваме во сите парченца скршени внатрешни огледала. Мноштво слоеви и виорни патеки до себе, до центарот, до ново јадрено соединување, објаснува за стихозбирката писателката Јулијана Величковска.

Ивана Јовановска студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на стихозбирката „На ракавот на градот“. Учествувала на „Поетска ноќ во Велестово”, на „Отскочна даска“ во рамките на Скопскиот поетски фестивал, на Струшките вечери на поезијата и на повеќе поетски читања во Скопје, како „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“, како и на интернационалниот поетски фестивал „Лезеленц“ (LeseLenz) во Хаусах, Германија.

Нејзини песни се застапени во „Ново раѓање на збо - рот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска на Поетска ноќ во Велестово. 

Нејзините песни се често објавувани во периодиката, и преведени се на германски, на грчки и на англиски јазик. Член е на европската поетска платформа „Версополис“.бт/са/

Остани поврзан