• вторник, 24 декември 2024

Промоција на кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“ во Велес

Промоција на кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“ во Велес
Велес, 14 јуни 2022 (МИА) – „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“ е слоганот на кампањата за промоција на згрижување, која има за цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства во нашата држава. Националната кампања се спроведува од страна на СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика и локалната власт, a овозможено од германското Министерство за економски развој и соработка. Во земјава има 353 згрижувачки семејства кои згрижуваат 527 деца и млади, од нив во Велес се девет згрижувачки семејства кои згрижуваат 22 деца и млади. На синоќешниот настан во Младинскиот парк во Велес, кој е четврти по ред во кампањата, говореа истакнати личности од областа на социјалната заштита и сите упатија апел до присутните да подадат рака, да ги променат животите на децата и да станат згрижувачи. На настанот се обратија заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин и градоначалникот на Велес, Марко Колев, програмскиот директор на СОС Детско село, Марио Јанчев, постоечки згрижувачи, кои го споделија своето позитивно искуство, како и осамостоени, претходно згрижени млади, кои го раскажаа своето животно искуство. Балетска изведба имаше и балетското студио Анабела. Организаторите потенцираат дека  бројот на деца без родителска грижа и оние во ризик да го изгубат сопственото семејство е голем и потребни се повеќе згрижувачки семејства за секое дете да може да биде заштитено од насилство и злоупотреба, да има стабилно домување и згрижувач. Во наредниот период, па се до крај на годината ќе се организираат слични  настани и во други 24 градови низ Македонија, од кои во првото полугодие ќе бидат опфатени Штип, Битола, Кавадарци,Струмица и Неготино. Како што информираат организаторите од СОС Детско село, настаните првенствено се наменети за сите заинтересирани граѓани со потенцијал да станат згрижувачи, кои преку промотивни материјали и директни консултации со стручни лица граѓаните ќе можат да се информираат повеќе за згрижувањето.  Згрижувачите добиваат услуга на стручна помош и поддршка преку центри за поддршка на згрижувачки семејства, но и месечен надомест за згрижено дете, надомест за згрижувач, како и други бенефиции согласно потребите на децата за кои се грижат. - Истовремено по традиција,  со оглед на тоа што на 1ви јуни во нашата држава се обележува и Денот на згрижувачите, се оддаде признание  за сите 353 згрижувачи за нивната  посветеност, љубов, добрина, хуманост и за значајната разлика која ја прават во животите на вкупно 527 деца и млади, потенцираат од СОС Детско село. Тие воедно ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои нема да имаат можност да дојдат на некој од настаните повеќе информации како да станат згрижувач ќе можат да добијат на телефонскиот број 075 277 477 и веб страната www.zgrizuvanje.mk. ад/сп/

Остани поврзан