• недела, 22 декември 2024

Промоција на видео „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!”

Промоција на видео „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!”

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Народниот правобранител и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото” финансиран од Европската унија, ќе го промовираат видеото „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!” кое ќе го означи почетокот на кампањата за подигнување на свеста за промовирање на правата на децата и заштита на децата од врсничко насилство.

Како што информираат организаторите, обраќања на настанот ќе имаат Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител и Барбара Лигл, раководителка на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ има за цел зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија. Проектот е дизајниран да ги поддржи релевантните институции кои работат на полето на правдата, организиран криминал, борба против корупција и промоција и заштитата на основни и човекови права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание.

Проектот е целосно финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт - Институтот за основни и човекови права (LBI-GMR), Министерството за внатрешни работи на Република Словенија (МВР), Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска (МПЈА) и Центарот за меѓународна правна соработка (CILC). Времетраењето на проектот е 42 месеци, со буџет од 10,25 милиони евра. Повеќе за проектот: rolaw.mk. сст/вг/

фото МИА архива 

Остани поврзан