• среда, 15 мај 2024

Проектот „Заедно“ за јавно застапување и активизам на младите за промоција на помирување и меѓуетничкиот дијалог

Проектот „Заедно“ за јавно застапување и активизам на младите за промоција на помирување и меѓуетничкиот дијалог

Крива Паланка, 29 април 2024 (МИА) - Младински активности за заедничко делување на различните националности и исполнување на целите за општествен напредок ќе се реализираат преку соработка на три здруженија од Крива Паланка, Скопје и Битола како дел од проектот „Заедно“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Кластер за туризам од Крива Паланка,  Здружение за истражување на пазарот на труд во функција на мултиетничката толеранција „Профицио“ од Скопје и  Здружение за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола преку овој проектот ќе ги инволвираат младите и идните креатори на јавното мислење за да придонесат кон градење доверба преку јавно застапување и активизам за промоција на помирувањето, меѓуетничкиот дијалог и дијалогот околу минатото.

-Активностите од проектот ќе се реализираат во Крива Паланка и Битола, а ќе овозможат дисперзија на влијанието во пошироки рамки на ниво на региони. Проектниот тим веќе спроведе онлајн истражување за детектирање на моменталните состојби, а објавивме и јавен повик за вклучување на младите, како активни учесници во проектот, но и во општественото живеење, информира Драган Величковски од Кластерот за туризам, Крива Паланка.

Тој рече дека проектот цели кон подобро меѓусебно запознавање на спецификите на националностите и намалување на неинформираноста која често може да биде причина за рецидив на конфликти, меѓуетничка нетрпеливост и сегрегација.

-Започнувањето еден ваков проект е од клучно значење за да може сите ние како граѓани на ова општество да ги ставиме нашите потенцијали во функција на развој и промоција на прогресивни идеи. Заедничкото делување на различните националности ќе резултира со младински активности за промоција на историјата, културата, идентитетот и традицијата на националностите за да се продлабочи институционалната и вонинституционалната соработка и на двата народи, која мора да биде заедничка, бескомпромисна и насочена кон исполнување на целите за општествен напредок. Ова ќе даде долгорочен бенефит во заедницата, посебно во Пелагонискиот и Североистичниот регион, со акцент на општините Битола и Крива Паланка. Токму затоа проектот, директно ги вклучува младите, каде од една страна ќе учат едни за други, а од друга страна, заедно, ќе се обидат да крираат заеднички продукти во функција на културно-историска промоција, додава Величковски.

Според него, многу е значајна соработката  воспоставена меѓу Музејот во Крива Паланка и Музејот на албанската азбука во Битола. 

-Овој проект е културно – креативно патување на младите од двете општини. Вклучува онлајн часови со експерт за млади и право, работилници за културолошки разлики за заедништво и иновации и етнолошки карактеристики и традиција на соживот и толеранција, изјави Билјана Младеновска, координатор на проектот „Заедно“.

Работилницата во Крива Паланка за промоција на заедништво, историски влијанија во денешнината, градење врски и соработка ќе претставува сублимат од претходно одржаните работилници што ќе овозможат работа на младите ентузијасти на просторот на општина Крива Паланка.

-Младите ќе соработуваат преку споделување знаења во релативно етнички истородна средина, ќе се овозможи промоција на заедништво, историски влијанија во денешнината, градење врски и соработка и развој на капацитетите на организациите за меѓуетнички партнерства и заедничко делување во спречување конфликти. Во рамки на работилниците предвидена е посета и на значајни објекти во Крива Паланка со доближување на историјата градот до младите генерации, бидејќи најмногу ќе се почитуваме, ако добро се познаваме едни со други. Дополнителна предност е што годинава Крива Паланка е град на културата и навистина има многу што да понуди за да ги привлече младите да го посетат градот, изјави Величковски.

Сибела Алимовска од Здружението „22 Нентори“ истакна дека Битола е град кој низ годините негувал карактеристични обележја на народите од овие простори и отсекогаш важел за мултикултурен град. 

-Сочувани се големи музејски вредности во Битола за кои младите не знаат доволно, а низ проектот заедно ќе учиме за: Музејот на албанската азбука, Хераклеја, Мустафа Кемал Ататурк, Старата битолска чаршија, а истовремено ги мотивираме младите да бидат дел од креирањето нови содржини што ќе значат нови сознанија, адаптирани на начин достапен за млади со можностите на новата технологија, изјави Алимовска.

Младите ќе пишуваат новинарски текстови, ќе снимаат и фотографираат, ќе прават кратки едукативни видеа и ќе дадат свои идеи за надминување на предрасудите и стереотипите. Се очекува да бидат надградени капацитетите за развој на организациите за меѓуетнички партнерства и заедничко делување во спречување конфликти, а со изработката на едукативни и промотивни материјали се очекува поттик на одговорност за воените злосторства и потенцирање на потребата од трајно помирување. 

Работилниците почнуваат следната недела, а младите од овие три градови, на возраст од 15 до 25 години ќе можат да учествуваат. ид/мд/

 

 

Остани поврзан