Продолжува кампањата за набавка на концертен клавир за Крива Паланка
- Фондацијата „Со срце за Крива Паланка", Национална установа Центар за култура и ЛУ Градски музеј, со поддршка на Општина Крива Паланка, потпишаа договор за соработка за втора фаза, продолжување, на кампањата за набавка на концертен клавир за градот, отпочнатата во 2024, кога Крива Паланка беше носител на титулата „Град на културата".
Крива Паланка, 31 јули 2025 (МИА) - Фондацијата „Со срце за Крива Паланка", Национална установа Центар за култура и ЛУ Градски музеј, со поддршка на Општина Крива Паланка, потпишаа договор за соработка за втора фаза, продолжување, на кампањата за набавка на концертен клавир за градот, отпочнатата во 2024, кога Крива Паланка беше носител на титулата „Град на културата".
- Кампањата започна минатата година во рамки на манифестацијата „Град на културата", кога за оваа намена на сите поголеми настани беа донирани средства за набавка на концертен клавир. Да ја отвориме големата сцена и да го почувствуваме вистинскиот звук на големите концертни дела на врвните уметници. Ова не е само набавка на инструмент. Ова е вложување во иднината, во уметноста, во секој концерт, фестивал, ученик, уметник. Ова е инвестиција во културата на нашиот град, рече Жаклина Цветковска, извршна директорка на фондацијата „Со срце за Крива Паланка".
Упати благодарност до сите кои досега се приклучија, донираа и ја поддржаа првата фаза од кампањата „Концертен клавир за Градот на културата 2024", а кампањата продолжува и во 2025 и 2026 под мотото „Концертен клавир за Крива Паланка".
Директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски, истакна дека задачата на оваа установа не е само да ја чува и одржува културата, туку и да создава подобри услови за реализација на културните настани.
- Набавката на овој инструмент ќе значи можност за организација на врвни уметнички настани и истовремено ќе се овозможи уште подобра едукација на младите таленти од градот за музицирање. Овој инструмент нема да биде симбол, туку ќе значи реална алатка за уметност и инспирација, рече Додевски.
Директорот на ЛУ Градски музеј, Драган Величковски, рече дека и музејот ја продолжува поддршката на кампањата, истакнувајќи дека досега собраните средства ќе бидат префрлени на посебна донациска сметка.
- Ги повикувам сите што се во можност, секој филантроп, општествено одговорна компанија, граѓанин и сите љубители на музиката и уметноста да донираат средства и конечно да се реализира набавката на клавир за нашиот град, рече Величковски.
По успешно завршената донаторска мисија, концертниот клавир ќе биде отстапен на трајно користење, чување и одржување на НУ Центар за култура, достапен за сите. ид/дма/
Фото: Фондација „Со срце за Крива Паланка"