• петок, 27 декември 2024

Прогласен за виновен главниот осомничен за сексуална злоупотреба и принудување на проституција на малолетно девојче во Грција

Прогласен за виновен главниот осомничен за сексуална злоупотреба и принудување на проституција на малолетно девојче во Грција

Атина, 29 март 2024 (МИА) – Главниот осомничен во случајот од октомври 2022 година, за сексуална злоупотреба и принудување на проституција на 12-годишно девојче од атинска населба, денеска беше прогласен за виновен од Мешовитиот поротен суд, додека пак казните ќе бидат соопштени дополнително, веројатно на ново рочиште, јави дописничката на МИА од Атина. 

Првоосомничен во случајот, а сега веќе и прогласен за виновен е 55-годишниот Илиас Михос, сопственик на минимаркет, кој беше уапсен и притворен веднаш откако беше откриен случајот пред една и пол година, а тогаш по наредба и одлука на Обвинителството, неговите податоци и фотографии беа објавени во јавност, додека пак при апсењето, кај него меѓу другото, беа пронајдени и одземени два пиштоли и 21 нож, а биле конфискувани два лаптопи и еден хард-диск.

Мешовитиот поротен суд денеска одлучи дека Михос е виновен, освен за сексуална злоупотреба на девојчето и за уште неколку дела меѓу кои: злоупотреба на малолетно лице што нема наполнето 14 години; детска порнографија (поседувал и дистрибуирал материјал); принудување лице на проституција и за недозволено поседување оружје, а беше ослободен од обвинението за трговија со малолетно лице. 

Со измените во Кривичниот законик, за кривично дело сексуална злоупотреба на малолетно лице, можно е изрекување и на доживотна затворска казна.

Во случајот, осомничена беше и мајката на девојчето за која судот едногласно пресуди дека е невина за порнографија и за принудување лице на проституција. 

Од другите осомничени, еден е прогласен за виновен за принудување лице на проституција и детска порнографија, 16 обвинети кои имале улога на „клиенти“ се виновни за платен сексуален однос, а еден е виновен и за детска порнографија.

Целиот случај, откако беше откриен во Грција предизвика шок кај јавност, а како што тогаш објави МИА, сега веќе осудениот Михос го знаел и семејството и девојчето, бидејќи се од иста населба, ја знаел нивната финансиска состојба, нивниот статус и токму тоа го злоупотребил.

Според дел од информациите во грчките медиуми, девојчето наводно повремено помагало во маркетот и добивало џепарлак, со оглед на тоа што потекнува од сиромашно семејство со осум деца и со татко корисник на дрога.

Во периодот од април до август 2022 година, Михос континуирано, со употреба на сила, сексуално го злоупотребувал девојчето и ја терал да му испраќа провокативни фотографии, кои ги објавувал преку различни профили на различни педофилски платформи и сајтови на интернет и во улога на макро барал „клиенти“ за тогаш 12-годишната.

Целиот случај, според она што во октомври 2022 година беше објавено во Грција, бил откриен откако девојчето заедно со нејзиниот брат биле на Лефкада, на одмор кај нивната тетка.

Тетката забележала дека девојчето е постојано со нејзиниот мобилен телефон и разменува пораки, меѓутоа не добила одговор со кој разговара. Успеала да ѝ го земе мобилниот, да ги прочита вулгарните и несоодветни пораки што Михос ѝ ги испраќал на 12-годишната, по што веднаш реагирала.

Пораките ги испратила до мајката на девојчето и побарала од неа веднаш да оди во полиција и да го пријави, во спротивно, тоа ќе го стори лично таа. Иако првично мајката се двоумела, сепак го пријавила, тогаш 53-годишниот, по што полицијата започнала акција.

Од мобилните телефони, како на обвинетиот, така и на девојчето, беа откриени низа контакти на педофили кои биле во комуникација со 12-годишната, со што започнаа и апсењата, а во притвор беа над 20 лица. ср/ссм/

Остани поврзан