• петок, 25 октомври 2024

Претседателот на Јужна Кореја сугерира можност за испорака на оружје за Украина

Претседателот на Јужна Кореја сугерира можност за испорака на оружје за Украина

Сеул, 24 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Јужна Кореја Јун Сук Јол денеска изјави дека постои можност неговата земја да почне да снабдува оружје за Украина, нагласувајќи дека Сеул „нема да седи со скрстени раце“ додека Северна Кореја испраќа војска за да ја поддржи руската агресија врз Украина.

Претседателот Јун Сук Јол разговараше со новинарите по средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Јужнокорејската разузнавачка служба соопшти дека Северна Кореја најверојатно планира да испрати 10.000 војници во Русија до крајот на годината.

Средбата на Јун со Дуда беше фокусирана на проширување на одбранбената соработка меѓу двете земји.

Во последните две години, Полска потпиша неколку договори за вооружување со Јужна Кореја за набавка на тенкови, хаубици и ракетни фрлачи, со цел зајакнување на своите воени капацитети по руската инвазија врз Украина.

И Москва и Пјонгјанг ги негираат обвинувањата за присуство на севернокорејски трупи.

Јун истакна дека Јужна Кореја ќе соработува со сојузниците и партнерите за да се подготват контрамерки кои би можеле да бидат спроведени во фази, зависно од степенот на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва.

Потенцијалните потези на Сеул би можеле да вклучуваат испорака на оружје за Украина, што би претставувало отстапување од долгогодишната политика на неиспорачување на оружје на земји што се активно вклучени во конфликти, додаде Јун.

Тој изјави дека евентуалното распоредување на севернокорејски трупи во Русија е „провокација која ја загрозува глобалната безбедност“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан