Претседателката Сиљановска-Давкова на средба со претставници на Филхармонија по повод 80-годишниот јубилеј
- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретнала со претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од основањето на оваа институција.

Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретнала со претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од основањето на оваа институција.
На средбата, на која присуствувале в.д. директорот Александар Котевски, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оценила дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
Претставниците на Филхармонија ја информирале претседателката за роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. бак/
Фото: Кабинет на претседателката