• вторник, 14 мај 2024

Конференција: Преку реформи и зајакнување на надлежностите на Уставниот суд до исполнување на стратешките заложби

Конференција: Преку реформи и зајакнување на надлежностите на Уставниот суд до исполнување на стратешките заложби

Скопје, 15 март 2024 (МИА) – Реформи, зајакнување на надлежностите на Уставниот суд и поддршка од останатите чинители со цел исполнување на стратешките заложби беа дел од главните пораки на одбележувањето на 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија.

На отворањето на Меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“ што се одржува денеска во Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседател на Владата на Република Северна Македонија, посочи дека е важно да се продолжи со процесите на реформата, бидејќи, според него, со тоа Уставниот суд ќе може да одредува според стратешките заложби на нашата земја.

- Уставниот суд делува слободно во своите капацитети, но, како земја е важно да се овозможи систематско решение кое ќе може на сите да им обезбеди подеднакви права. Уставниот суд може и треба да има главна улога во одбрана на човековите права и владеењето на правата, рече тој.

Џафери потенцираше дека промените во уставите се чести, бидејќи,како што рече, тоа е жива материја и треба да држи чекор со светот.

- Во овој поглед не го правиме тоа за другите, туку и за нас, бидејќи ние како еден успешен европски модел ѝ требаме на големата Европа за да можеме и понатаму подеднакво да се развиваме,рече Џафери.

За претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, овој јубилеј е многу значаен бидејќи, како што рече, е одраз не само на континуитетот на нашата државност од претходниот систем, туку и одраз на нашата силна определба за независна, самостојна и демократска држава во која човековите права и слободи се на прво место.

Митрески потсети дека довербата во правосудниот систем е намалена и рече дека сите заедно мора да преземат конкретни мерки да ја надминеме таа состојба.

- Уставниот суд не е и не смее да биде единствената институција која се грижи за достојна поделба на власта, но, и целосна независност и самостојност на правосудниот систем. Одговорност има и законодавната и извршната власт, но, пред сѐ, сите чинители во самиот правосуден систем кои треба одлуките да ги носат со интегритет, да не подлегнуваат на никакви влијанија и да постапуваат единствено во согласност со словото на законот, рече тој.

Според него, само на тој начин ќе обезбедиме владеење на правото и доверба во правосудниот систем што, како што дополни, е предуслов за почитување на граѓанските, социјалните и економските слободи и права на човекот, но, и предуслов за економски напредок, просперитет и развој, односно, за ефикасно функционирање на системот.

Министерот за правда, Кренар Лога, рече дека е потребен ангажманот на судската, законодавната и извршната власт да го држат Уставниот суд на нивото на задачата.

- Потребен е ангажманот на судската, законодавната и извршната власт да го држат Уставниот суд на нивото на задачата со цел извршување на нивните надлежности да остане фактор кој што ги гарантира превидените и пропишаните права и вредности со професионалност и целосна самостојност во одлучувањето, рече тој.

Лога сподели дека Развојната стратегија за судството за 2024-2028 година обрнува особено внимание на Уставниот суд и еден од заклучоците во неа е дека се потребни професионални дискусии за зајакнување на надлежностите на Уставниот суд.

- Во овие документи се заклучува дека се потребни професионални дискусии за тоа дали е потребно во актуелниот медиум на општествениот и политичкиот амбиент да се зајакнат надлежностите на оваа инстанца, особено во контекст на заштитата на правата и слободите на граѓаните. Особено е заклучено дека извршителите на надлежностите на Уставниот суд налагаат отворање на дебата за реформи во правец на законското уредување на надлежностите на овој суд, рече тој.

На отворањето на меѓународната конференција, претходно, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, истакна дека 60 години постоење на Уставен суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава. Додека, претседателот Стево Пендаровски порача дека Уставниот суд во иднина треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи, а еден начин за да се достигне тоа, како што рече, се измени на Уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите.

На отворањето на меѓународната конференција обраќање имаа и амбасадор Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на САД, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија и Бен Нупнау, заменик-шеф на Мисијата на Делегацијата на ЕУ.

Конференцијата продолжи со дискусија на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“. ар/ац/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан