• петок, 22 ноември 2024

Преку „Изборен навигатор“ граѓаните бараат подобар изборен процес и едукација за гласачките права

Преку „Изборен навигатор“ граѓаните бараат подобар изборен процес и едукација за гласачките права

Струмица, 12 јуни 2024 (МИА) - Преку специјално креираната дигитална платформа „Изборен навигатор“, граѓаните бараат подобар изборен процес и нивна едукација за гласачките права. Таа им овозможува да проверат која политичка партија и програма се најблиски до нивните убедувања и какви се нивните ставови за изборниот прoцес.

Според податоците кои беа изнесени на денешната презентација на резулатите од користењето на оваа дигитална алатка, биле опфатени 10.913 испитаници за претседателските избори и 10.916 за парламентарните.

-Во рамки на платформата до изборниот молк за првиот круг претседателски избори, прашалникот го одговорија вкупно 8.690 испитаници од осумте плански региони во државата. До изборниот молк за вториот круг избори, прашалникот го одговорија дополнителни 2.223 испитаници. Тоа се вкупно 10.913 испитаници кои ги провериле своите верувања и афинитети со претседателските кандидати. Додека пак за парламентарните избори, прашалникот од „Изборен навигатор“ го одговорија вкупно 10.916 испитаници, кои утврдиле која политичка партија е најблиску до нивните верувања и афинитети. Овие резултати покажуваат висок степен на интерес и ангажман на граѓаните во процесот на изборите и нивната желба за информирано гласање, рече Марија Бандулова Тасева од Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ Струмица.

Анкетираните граѓани одговарале на вкупно 30 прашања од кои половината се поврзани со парламентарните и половина со претседателските. Врз база на добиените одговори платформата прави пресметка и на тој начин го класифицира политичките позиции и убедувања на секој од анкетираните граѓани.

-Концептот на проектот се состои од две фази: предизборна и постизборна. Во предизборната фаза се организираше кампања за гласачко образование и промоција на алатката Изборен навигатор, со цел подобро усогласување на интересите на граѓаните со достапните политички опции. Во постизборната фаза предвидуваме програми за вклучување на младите, вклучувајќи ги и подмладоците од политичките партии, преку развој на лидерство, форуми и можности за вмрежување, со цел да се подобри нивната активна вклученост во одлучувањето и напорите за застапување, рече Ана Клесова од „НОВУС“.

На денешната презентација беа споделени и искуствата од теренските работници од „Изборен Навигатор“ од Југоисточниот, Североисточниот, Полошкиот и Пелагониски регион, како и искуствата на претставници од Државната изборна комисија (ДИК) и Општинските изборни комисии (ОИК) околу изборниот циклус.

Една од главните забелешки е дека подготвките за секој изборен процес мора да почнат буквално со завршувањето на претходниот и целиот процес да биде уште подобро организиран и транспарентен.

Проектот „Пост изборен форум“ има за цел да ја засили демократијата во земјата со фокус на политичкото образование и обука, регистрација на гласачите и образование за гласачките права на сите граѓани. Се проведува во рамки на проектот “Иницијатива за зајакнување на демократијата, зајакнување на политичкиот ангажман и учество во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од НЕД. рт/сст/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан