• петок, 22 ноември 2024

Прекината седницата на собраниската Комисија за политички систем за иницијативата за референдум за „граѓански устав“

Прекината седницата на собраниската Комисија за политички систем за иницијативата за референдум за „граѓански устав“

Скопје, 9 февруари 2023 (МИА) - Денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која како прва точка на дневен ред беше Граѓанската иницијатива за организирање референдум на државно ниво за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, беше прекината на барање на членот Бајрам Кадрија, заради тоа што материјалите за Иницијативата не биле преведени на албански јазик.

Пред почетокот на седницата на собраниската Комисија, овластениот предлагач и лидер на Македонски концепт, Петар Богојески во изјава за медиумите информира дека предложеното референдумско прашање во иницијативата што ја доставиле до Собранието гласи: „Дали сте за донесување на нов граѓански Устав со кој Република Северна Македонија ќе биде национална држава на сите македонски граѓани со право на полно самоиндивидуално самоопределување?“.

- Тоа значи дека се внесува делот македонски граѓани за да спречиме странците, а и домашни недобронамерници да не нарекуваат „Северномакедонци“ и мислам дека ќе имаме поддршка од сите етнички заедници во земјата, не само од македонската етничка заедница, и од друга страна, правото на полно индивидуално самоопределување значи дека конечно излегуваме од етнички трла, партиски трла и друг тип на поделба на граѓаните и секој граѓанин индивидуално ќе се определи на која етничка заедница припаѓа, како себеси се идентификува по јазик и по сите елементи на идентитет кој може да го носи еден човек. На тој начин ќе ги смириме и внатрешните антагонизми во земјата, рече тој.  

Богојески истакна дека со оглед на тоа дека станува збор за иницијатива за измена на Уставот, потребно е да се соберат 150 илјади граѓански потписи. Тој додаде дека ако успеат да ги собереме потребните потписи, Собранието без расправа треба да носи одлука за распишување на референдум, што ја спроведува Државната изборна комисија.

- Се надевам на успешност на референдумот и донесување на нов граѓански устав во текот на летото или најдоцна  во септември годинава, со цел, од ноември да започнат преговорите со Европската Унија без уцените од Бугарија и без внесување на други етнички категории во овој сегашен нефункционален Устав, рече Богојески.

Во одговор на новинарско прашање дали со ова ќе се избегне внесувањето на Бугарите во Уставот, Богојески истакна дека иницијалната каписла на иницијативата е „да ги избегнеме бугарските уцени“ со донесување на граѓански устав, еквивалент на бугарскиот, со што Бугарија нема да може да продолжи со нејзиното барање за внесување на Бугарите, бидејќи, како што рече, тоа ќе значи дека и тие ќе треба да го сменат нивниот граѓански Устав и да ги внесат во него Македонците во Бугарија.

- Значи, ова е единствен начин да го обезбедиме она што ни го бараат нашите граѓани, а тоа е реципроцитет со Бугарија. Единствен начин да дојдеме до реципроцитет со Бугарија е ние да донесеме модерен граѓански устав како грчкиот, како бугарскиот, како францускиот, како низа најголем број устави на државите членки на ЕУ, рече тој.

Во врска со тоа дека во тој случај ќе треба да се измени и пристапниот протокол со ЕУ, Богојески потенцира дека тоа не е проблем, бидејќи, како што рече, Унијата „е позната по менување на пристапни протоколи“.

- Со Србија го сменија многу пати, со Црна Гора, со Турција и да не говорам и со Бугарија кога преговараа, и со Романија, не е страшно да се „абдејтира“ или да се прецизира европскиот протокол за преговори. Во моментов е непрецизен, нејасен и во Македонија донесе сериозни забуни кај граѓаните и поддршката за ЕУ падна веќе под 50 проценти, рече Богојески. фф/сп/ 

 

Остани поврзан