• сабота, 11 мај 2024

Предлог-одлуката за пониски плати на функционерите и пратениците поддржана од собраниската Комисија за избори и именувања

Предлог-одлуката за пониски плати на функционерите и пратениците поддржана од собраниската Комисија за избори и именувања

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Со осум гласа „за“, ниту еден против и воздржан, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја донесе Предлог-одлуката за определување на коефициентите за утврдување на платата на претседателот на Република Северна Македонија, на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Северна Македонија.

Согласно Одлуката, коефициентите за утврдување надоместок на плата и плата на функционерите кои изнесувале од 2,20 до 4,50, се намалуваат и изнесуваат од 1,91 до 3,92. Се намалуваат и коефициентите на платите на пратениците. Тие се движеа од 3,5 до 4, а сега се заменети со коефициентите од 3,04 до 3,92. 

Коефициентите ќе почнат да се применуваат со исплатата на платата за февруари 2024 година.

За расправа по оваа точка не се јави никој од присутните членовите на Комисијата. 

Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска потсети дека Собранието вчера, по скратена постапка, ги донесе законските измени кои треба да овозможат примена на Предлог-одлуката за платите. 

-Собранието вчера ги донесе измените на Законот за плати на судиите, на Законот за плати на членовите на Советот на јавни обвинители, на Законот за плати на членовите на Судскиот совет, на Законот за плати на јавните обвинители, како и измените на Законот за пратениците. Донесени беа, додаде, и измените и дополнувањата на Законот за државното правобранителство и изменувањата на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именуваните лица. Овие закони беа донесени за да се надмине состојбата во однос на примената на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, согласно одлуката на Уставниот суд објавена во Службен весник. Како правна последица произлезе зголемување на основицата за утврдување на платата на избраните и именуваните лица, вклучително и на судиите во Уставниот суд, судиите и членовите на Судскиот совет, како и членовите на Советот на јавни обивнители. Со цел да се надмине состојбата и да се ограничи можноста за значително, односно ново покачување на платите на оваа категорија, се усвоија измените на гореспомнатите закони во однос на коефициентите на бодот за утврдување на надоместокот за платата на избраните и именуваните лица, истакна Георгиевска.

Како што објасни Георгиевска, во Законот за плата и други надоместоци на избраните и именуваните лица, се определени коефициентите за утврдување надоместок на плата и плата, а се во рамка од 2,20 до 4,50. Тие се заменети со коефициентите од 1,91 до 3,92.

-Во рамките на овие коефициенти, Комисијата треба да донесе одлука за определување на коефициентите за утврдување на плата на функционерите кои ги избира и именува Собранието. Собранието, исто така, го промени и Законот за пратениците во кој се утврдени коефициентите на платите на пратениците кои се движеа од 3,5 до 4. Тие се заменети со коефициентите од 3,04 до 3,92. Комисијата треба да донесе одлука за определување на коефициентите за утврдување на платата на пратениците, рече претседателката. мч/ац/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан