• недела, 22 декември 2024

Пратеникот Сашко Јанчев со три прашања во Собранието, сите поврзани со заштитата на животната средина во Југозападниот регион

Пратеникот Сашко Јанчев со три прашања во Собранието, сите поврзани со заштитата на животната средина во Југозападниот регион

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) – Пратеникот Сашко Јанчев од Левица на денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања побара од ресорните Министерства за животна средина и просторно планирање и до новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минирални суровини да одговорат на три прашања, сите од аспект на заштитата на животната средина. 

Првото прашање се однесуваше на изградбата на новата леарница во атарот на Општина Ново Село, за која Јанчев посочи дека е објект за чија изградба е потребна дозвола како за Г1 објект со категорија тешка индустрија. Според она што го посочи Јанчев, општинските власти токму од причина што таков објект смее да се гради на најмалку пет километри одалеченост од населено место, за него дале дозвола Г2 што е лесна индустрија, дури за тоа донеле службеник од друга општина само за да ја протурка работата.

Второто прашање на пратеникот Јанчев се однесуваше на изградбата на две мини-хидроцентрали на планината Кожуф, за кои посочи дека нивната корист за заедницата ќе е мала, носат профит само за инвеститорот, а нанесуваат ненадоместливи штети по животната средина. Тој потести и на барањето од Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа во Македонија да се раскинат сите одобрени и планирани договори за изградба на хидроцентрали во заштитените зони.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, во одговорот посочи дека со исти проблеми околу тоа што е добро за граѓаните се соочувале и кога се асфалтирал пристапниот пат кон индустриската зона во Визбегово.

- Приоритет за нас се интересите на граѓаните, нема да дозволиме да се размислува само на економскиот развој без да се води сметка за заштитата и последиците по животната средина. Што се однесува на проектот во Ново Село, за кој е даден елаборат во 2023 година. Како и да е и да се обезбедени дозволите и даден елаборатот, ќе дадам и писмено одговор. И за двете прашања го повикувам пратеникот да дојде во Министерството и да ги разгледаме сите аспекти на проектот и доколку заеднички констатираме негова штетност, односно дека е неповолен по животната средина, повторувам дека интересот на граѓаните и на заштитата на животната средина ќе биде примарен, рече Меџити.

По однос прашањето на мини-хидроцентралите на Кожуф, Меџити со потсетување дека одлуката за нивна изградба е донесена во 2018/19 година, во време кога Кожуф не била заштитена зона, односно кога немало правна основа за нивна забрана. Но, со оглед на тоа што нивната изградба се уште не е започната, тој повторно најави детални информации за проектот и повик на непосредни консултации во Министерството.

- Министерството за животна средина ќе биде во линија на интересите на граѓаните, рече Меџити.

Третото прашање на пратеникот Јанчев беше до Министерството за рударство, енергетика и минерални суровини, поточно најавениот нов Закон за рударство, со конкретно прашање дали со новата легислатива е предвидена забрана за отворање рудни ископи на металични минерали. Јанчев потсети дека населението во Југозападниот регион на референдум се изјасни дека се против нови рудници за металични минерали.

Во одговорот министерката Сања Божиновска посочи дека новоформираното Министерство прво ќе се занимава со легислатива, односно и со уредување на проблематиката на рударството со соодветно законско решение.

- Што се однесува на новиот закон за рударство, ние ја контактиравме и ЕУ и бараме консултанти, се што ќе биде во тој закон да биде согласно европските акти и услогласен со последниот акт на Европскиот совет донесен од мај 2024 година. Тоа значи дека ќе ги запазиме сите европските легислативи, рече таа.

Таа посочи дека во земјата во секторот рударство се вработени осум илјади луѓе, со остварени 360 милиони долари од извоз и 338 активни договори за концесија.

- Јас не знам дали некаде има забрана за отворање нови рудници, тоа мора да биде согласно волјата на граѓаните. Ако отидете во Радовиш, Македонска Каменица, ќе видете, ние ќе ја почитуваме волјата на граѓаните. Ако има волја кај локалното население и ако се е согласно законските прописи, ние сме за, рече Божиновска.

Пратеникот Сашко Јанчев рече дека не е задоволен од одговорот на министерката, со забелешка  дека неговото прашање за забрана се однесува на рудници за експлоатација на металични минерали, односно дека со оглед на тоа што загадуваат стотици километри во радиус, такви рудници има замо во најсиромашните и најненаселените региони низ светот.

- Македонија е мала земја и доволно се три вакви рудници за да се загрози целата земја. Затоа и активистите и народот, и јас како дел со години од тоа, бараме забрана за отворање нови рудници за металични минерали, рече Јанчев. аб/ац/

Остани поврзан