• петок, 05 декември 2025

Мисајловски - лорд Коукер: Обединетото Кралство останува посветено на развојот на македонските одбранбени капацитети

Мисајловски - лорд  Коукер: Обединетото Кралство останува посветено на развојот на македонските одбранбени капацитети

Скопје, 16 јули 2025 (МИА) – Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство оствари средба со лорд Вернон Коукер, државен министер во Министерството за одбрана во Обединетото Кралство.

Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, на средбата биле разменети мислења во врска со развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји, како и безбедносната состојба во регионот и Европа.

– Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер одбраната, воената едукација и јазичните курсеви, стои во соопштението.

Од Министерството наведуваат дека македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. 

– Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери. Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање, се наведува во соопштението. ра/нд/

Фото: Министерство за одбрана

 

Остани поврзан