• четврток, 23 ноември 2023

Празник на сливата во Делчево

Празник на сливата во Делчево

Делчево, 29 септември 2023 (МИА) - На десетина штандови богати со најразлични вкусни производи од сливи денеска во Делчево се славеше традицијата. Пред летната сцена се вареше ракија, се подготвуваше мармалад , а се дегустираа и вкусните производи обогатени со сливи и изложени на продажните штандови. 

Во манифестацијата се вклучија  сите образовни институции во Делчево, децата од Дневниот центар, локални институции, индивидуални производители на ракија,  а учениците од прехранбената насока при  СОУ „М.М. Брицо“ изработија и брошура со специјалитети од сливи и ги споделија тајните на производите со сливи со сите присутни. Свои производи на штандови понудија и ЗФГ „Копачка “ од село Драмче и Здружението на пензионери од Делчево.

Епитетот највесела ракија, годинава ја заслужи ракијата произведена од Драги Васев. Тој доби осум илјади денари, а шест илајди денари отидоа кај Младен Ѓеоргиев. Од изложеното богатство, Комисијата одлучи наградата за најубаво уреден штанд во знакот на сливата на овогодинешните „Пијанечки денови на сливата“ да ја додели на учениците од ООУ „Ванчо Прке“ од Делчево, додека наградата за највкусен мармалад ја доби СОУ „М.М.Брицо“ .Тие добија награди по 3.000 ден, а сите учесници со штандови на манифестацијата од градоначалникот ќе добијат по 2.000 ден парични награди.

- Со денешната манифестација сакаме да покажеме дека сме горди на трудот на сливарите, на производство и на традицијата, истакна во своето обраќање градоначалникот Горан Трајковски.

Тој додаде дека традицијата на производство и преработки од сливата е од дамнина и овој ден обединува генерации и генерации делчевци.

- Ова е богатство со кое регионот се гордее и верувам дека овоштарството во регионот има иднина, а со поддршка од најразличните ЕУ-фондови, ИПАРД- програмата, субвенициите од државата кои од 2016 г. се зголемени за 25%, може да создадеме планско производство, да го осовремениме, да создадеме услови за нови преработувачки капацитети, а со влезот на земјава во семејството на ЕУ, се отвора пазар од 500 милиони потрошувачи или 250 пати поголем од пазар од нашиот домашен, рече Трајковски.

Традицијата на производство и преработка од сливата започнала некаде на почетокот на 20 век. Оттогаш се бележат многу подеми и падови во оваа гранка, но сливата опстојувала под различни искушенија, било од природата, било од некои други објективни или субјективни причини, но сливата опстојувала, така што денес во Пијанец има околу 600 хектари или над 250 илјади садници со сливи.

Во рамки на манифестацијата која беше збогагена, со музика и фолклор на летната сцена во Делчево настапија „Мики-Бенд“, музичка секција од ООУ „Св.Климент Охридски“, КУД „Гоце Делчев“, Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, ФГ „Копачка“.

Годинешната манифестација е во организација на Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, а во организација на манифестацијата се вклучи и ЈЛБ „Илинден“, додека награди за сите учесници обезбедија „Рудине-ММ“, „Фротирка-Компани“, Брегал“ и конфекцијата „Нефи.

Пијанечки денови на сливата се реализираа со финансиска поддршка на Министерството за култура. вс/цр


Фото: МИА

Остани поврзан