• недела, 19 мај 2024

Прабово Субианто победи на претседателските избори во Индонезија, потврди изборната комисија

Прабово Субианто победи на претседателските избори во Индонезија, потврди изборната комисија

Џакарта, 20 март 2024 (МИА) – Изборната комисија на Индонезија официјално потврди дека министерот за одбрана Прабово Субианто е победник на минатомесечните претседателски избори.

Прабово, трикратен претседателски кандидат, победи на изборите на 14 февруари со 59 отсто од гласовите, што беше јасна победа над неговите ривали Аниес Басуедан и Ганјар Праново, кои добија околу 25 отсто, односно 16 отсто, објави денеска комисијата. Така ги потврди неофицијалните резултати објавени од независни социолози минатиот месец.

Се очекува Прабово да го наследи претседателот Џоко Видодо во октомври.

Претседателот на Изборната комисија Хашим Азијари неочекувано го прекина преносот во живо само неколку минути по објавувањето на резултатите, наведувајќи ја потребата да се „коригира“ документ пред продолжување на состанокот. Тој потоа јавно не прецизираше за каква корекција станува збор.

Поранешниот командант на индонезиските специјални сили Прабово победи на изборите со ветувања дека ќе ги продолжи програмите на актуелниот претседател Видодо, кој е на функцијата втор мандат, и со поддршка од огромниот број млади гласачи во земјата со помош на социјалните мрежи како „ТикТок“. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан