• недела, 19 мај 2024

Почнува судењето против Трамп за аферата со порно ѕвездата

Почнува судењето против Трамп за аферата со порно ѕвездата

Вашингтон, 22 април 2024 (МИА) – Доналд Трамп денеска ќе има можност да слушне од обвинителите како го прекршил законот со наводната тајна исплата на порно ѕвезда за време на неговата кампања во 2016 година. Тоа е првото кривично судење на поранешен американски претседател.

Судењето ќе почне со воведните зборови на обвинителот, а воведни зборови ќе имаат и адвокатите на републиканскиот претседателски кандидат.

Трамп се соочува со четири различни судења, но ова би можело да биде единственото што ќе се одржи пред претседателските избори на 5 ноември.

Обвинителите тврдат дека поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен и платил 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да молчи за наводната сексуална средба со Трамп пред една деценија.

Трамп се изјасни за невин по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја донесени од окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег и негира дека имал секс со Даниелс.

Многу правни експерти сметаат дека овој случај е најмалку важен. Пресуда нема да го дисквалификува Трамп од преземање на функцијата, но може да и наштети на неговата кандидатура.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос покажува дека половина од независните гласачи и секој четврти републиканец изјавиле дека не би гласале за Трамп доколку тој биде осуден за кривично дело. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан