• петок, 22 ноември 2024

Почнуваат активности за затворање на комуналната депонија во Кочани

Почнуваат активности за затворање на комуналната депонија во Кочани

Кочани, 15 август 2024 (МИА) – Фирмата изведувач која е задолжена за затворање на депониите од проектот Регионален систем за управување со отпад во Источниот плански регион, од 19 август ќе ги почне активностите за затворање на комуналната депонија во Кочани.

Постапката за затворање е договорена на работната средба што градоначалникот Љупчо Папазов ја имаше со заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, со претставниците задолжени за реализација на проектот од Министерството за животна средина и Министерството за финансии, како и со избраните изведувачи за затворање на непрописните депонии.

-На состанокот му претходеше интензивна комуникација, проследена и со официјални дописи од Општина Кочани, во кои од органите на централната власт се бараше техничка и финансиска поддршка во решавањето на состојбата со депонијата кај селото Бели. Граѓаните на Кочани се соочија со неповолна состојба и несакани ефекти од депонијата откако беа затворени депониите во Виница, Зрновци и во Чешиново-Облешево, поради што за 50 отсто се зголемија количините на отпад на ѓубриштето во Кочани, се истакнува во писмената информација од општинската админстрација.

Поради честите опожарувања и испуштањето густ чад од депонијата, во изминатиот период КЈП „Водовод“, Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани интервенираа со механизација и формирање заштитен појас за спречување на ширењето на пожарот од ѓубриштето кон соседните површини.

Паралелно со активностите за затворање на депонијата, во комуналното претпријатие „Водовод“ тече постапка за набавка на морски алги за еколошки третман и спречување на самозапалувањето на метанот од отпадот. та/мд/
фото: МИА

Остани поврзан