• петок, 08 ноември 2024

Почна 61. Драмски аматерски фестивал на Македонија во Кочани

Почна 61. Драмски аматерски фестивал на Македонија во Кочани

Кочани, 21 мај 2024 (МИА) - Шеснаесет домашни театарски ансамбли и групи, како и гости од Република Србија ќе се натпреваруваат за една од наградите на 61. Драмски аматерски фетивал на Македонија (ДАФ), што синоќа почна во Кочани.

Под мотото „Знаеме што сме, не знаеме што можеме да бидеме“, фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов нагласуваjќи го значењето на аматерското движење како основа на професионалниот театар и повика актуелните театарски и филмски имињa, кои ја почнале својата кариера од сцената во Кочани, да дадат поддршка во негувањето на драмскиот аматеризам.

-Годинава, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, борците на кои им ја должиме слободата, 100 години од раѓањето на уметникот и хуманист Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во својата седма деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја. Ако беше лесна организацијата ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата, истакна Папазов во своето обраќање.

Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. За првпат по повеќе години градот домаќин на ДАФ нема пријавено своја претстава за учество. До 26 мај, публиката ќе може да проследи по три претстави дневно - во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.

Претседателка на Драмскиот аматерски фестивал е Кристина Атанасова Арсова, селектор е Игор Џамбазов, а за најуспешните претстави и за наградите ќе решава жирито што го сочинуваат актерот Пеце Ристевски и режисерите Елеонора Теова и Ненад Витанов. та/сст/

фото: ДАФ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан