Почна акција за расчистување на „дивите“ депонии во Куманово
- Екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово со механизација започнаа со расчистување на дивата депонија кај локацијата „Искрин мост“, покрај регионалниот пат Куманово – Свети Николе.
Куманово, 27 ноември 2025 (МИА) - Екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово со механизација започнаа со расчистување на дивата депонија кај локацијата „Искрин мост“, покрај регионалниот пат Куманово – Свети Николе.
Новоназначениот директор Сашо Томиќ денеска изјави дека ова е една од неколкуте акции кои ќе се спроведуваат деновиве.
- На територијата на градот има околу 20 диви депонии. Сите ќе бидат исчистени. Апелираме до граѓаните да не фрлаат отпад каде што ќе стигнат. Ќе ја засилиме соработката со комуналната инспекција за да се санкционираат несовесните граѓани, рече Томиќ.
И надлежните од претпријатието, велат дека праксата покажува дека по кратко време расчистените локации повторно се претвораат во мини-депонии. Менаџерскиот тим размислува за одредени поволности за совесните граѓани, оние кои се грижат за непосредната животна средина.

Во минатото имавме акции за делење канти и корпи за отпад. Ќе разгледаме можност повторно да се воведат вакви стимули, особено за оние кои редовно ги плаќаат обврските и се придржуваат до правилата, најави Томиќ.
Покрај расчистувањето на дивите депонии, од јавното претпријатие информираат дека во тек се активности за раззеленување на градот, на градскиот кеј и во парковите. Се работи на садење цветен материјал, зимзелени и листопадни садници, како дел од редовната програма усвоена од Советот на Општина Куманово. Во пресрет на подготовката на буџетот за 2026 година, Томиќ најави дека ќе се побараат дополнителни средства.
- Ќе разговараме со градоначалникот и ќе ја согледаме финансиската состојба, најави Томиќ.
Јавното претпријатие е подготвено за зимската сезона со три специјални возила и доволни количини сол. Дополнително, годинава зимската програма ќе опфати 20 улици повеќе отколку лани.
- Имаме контакти и очекуваме во наредниот период да обезбедиме механизација преку донации, изјави Томиќ.
Како што најави ќе се реализира во соработка со Општината и преку проекти аплицирани од центарот за развој ан североисточниот плански регион. ам/са/
Фото: МИА