Последни обиди за формирање нова Влада на Белгија
- Во пресрет на утрешниот краен рок што си го поставија самите за формирање на нова Влада на Белгија, лидерите на петте партии потенцијални владини партнери утрово во Кралската воена академија во Брисел започнаа нов круг преговори за постигнување конечен договор.
Брисел, 30 јануари 2025 (МИА) – Во пресрет на утрешниот краен рок што си го поставија самите за формирање на нова Влада на Белгија, лидерите на петте партии потенцијални владини партнери утрово во Кралската воена академија во Брисел започнаа нов круг преговори за постигнување конечен договор.
Како што јави интернет изданието на бриселскиот весник „Соар“, денешната лидерска средба се одржува по вчерашната рунда преговори што траела до околу 2 часот по полноќ, но засега нема назнаки дали партиите се блиску до конечен коалициски договор.
Според весникот, на маса за преговори на партиските претставници не се само социо-економските прашања, односно реформите во даночната политика, работните односи и пензиите, како и Буџетот, туку и повеќе институционални теми, меѓу кои и мобилноста, климатската акција, безбедноста, миграцијата и одбраната.
Мандатарот за состав на новата Влада, лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер утре треба да му поднесе извештај на белгискиот крал Филип за најновите резултати од разговорите за формирање на владината „Аризона“ коалиција.
Петте партии вклучени во преговорите - Н-ВА, валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), на ден пред истекот на минатата година договорија временска рамка за постигнување договор за програмата и составот на новата Влада до крајот на месецов.
Според медиумските извешти, главните несогласувања меѓу партиите се однесуваат на начинот на обезбедување на 18 милијарди евра за период од пет години, со што буџетскиот дефицит би се свел на три проценти, согласно барањата на ЕУ, како и на реформите на даночната политика.
Белгија е во очекување на нова Влада од изборите на 9 јуни минатата година на кои Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.
Неколку недели по изборите, белгискиот крал Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави дека неговата мисија била успешна и дека петте партии потенцијални коалициски партнери ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколку наврати. Последниот „краен рок“ што кралот му го даде на Де Вевер е 31 јануари.
Инаку, името „Аризона“ на потенцијалната идна владина коалиција потекнува од боите на петте партии – жолта (НВ-А), сина (МР и ЛЕ), црвена (Ворујт) и портокалова (ЦДВ), кои се и на знамето на американската сојузна држава Аризона. Актуелната владина коалиција во Белгија се нарекува „Вивалди“, како алузија на делото на композиторот Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“, бидејќи Владата ја сочинуваат либерали, социјалдемократи, демохристијани и екологисти. Таа беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година. сп/
Фото: Кралска воена академија