• среда, 01 мај 2024

Последна фаза од изградбата на полузатворен Градски пазар-Штип

Последна фаза од изградбата на полузатворен Градски пазар-Штип

Штип, 15 април 2024 (МИА) - Почна последната фаза од изградбата на полузатворениот Градски пазар во Штип, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Посочи дека во пресрет на сезоната, пазарџиите ќе имаат соодветно место за продажба на градинарските и земјоделски производи, а купувачите услови за да пазаруваат.

-Почнуваме со последната фаза од изградбата на полузатворениот пазар кој го најавивиме пред неколку месеци. Станува збор за инвестиција на Општина Штип во вредност нешто повеќе од 12 милиони денари. Се очекува во наредните денови да се изврши бетонирање на самото плато, асфалтирање на пристапната улица за простор за паркирање со оглед на тоа дека станува збор за полузатворен тип на градски пазар кој ќе го користат пазарџиии купувачи, вели Јорданов.

Со новиот полузатворен пазар во Штип ќе се работи и на решавање на проблемот со дивите пазарџии. Целта е како што вели Јорданов, и пазарџиите и купувачите да се насочат кон едно место со што нема да се узурпираат јавните површини и паркинг места за продажба на производи.

-Надлежноста на комуналните инспектори, но и на пазарна инспекција и на СВР Штип е пресудна, за да се прекине оваа тенденција и да се насочат овие препродавачи и пазарџии да го користат просторот, платото на Градски пазар. Еден од условите и начините за да тие се канализираат овде е да се создадат подобри услови за да ги мотивираме купувачите да го посетуваат градскиот пазар, вели Јорданов.

Со новиот полузатворен пазар во Штип ќе се постават и нови сто тезги. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан