• понеделник, 04 март 2024

Поранешна СФРЈ сè уште е жива во Кочани, титовистите го одбележаа нејзиниот 80. роденден

Поранешна СФРЈ сè уште е жива во Кочани, титовистите го одбележаа нејзиниот 80. роденден

Кочани, 29 ноември 2023 (МИА) – Сеќавањата од придобивките и живеењето во заедничката југословенска држава сè уште се живи и нема да бидат заборавени додека сме ние овде, како потсетник на помладите генерации за историската важност на 29 Ноември, беше речено на денешното одбележување на 80-годишнината од основањето на социјалистичка Југославија што го организираше здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани.

На свечен собир и дефиле со знамиња и песни од периодoт на СФРЈ, членовите на Здружението истакнаа дека на денешен ден пред осум децении била донесена одлука и за македонската државност.

-Денешниот ден е празник над празниците што ние треба посебно да го почитуваме, бидејќи темелите на денешна Македонија се врз основа на одлуките на второто заседание на АВНОЈ во босанското Јајце. Ако ја немаше Југославија, прашање е каде и што ќе бевме ние, дали во Бугарија, Грција, Албанија или на некое друго место. На овој ден македонската држава и македонската нација официјално беа признаени како рамноправни во рамките на таа заедничка југословенска федерација. Тоа е вистината којшто, за жал, многумина ја забораваат, иако и ние, нашите внуци и правнуци треба силно да ја паметиме и да ја пренесуваме во иднина, истакна Трајан Трендов, претседател на Здружението „Јосип Броз Тито“.

Кочанските титовисти нагласија дека нивните активности немаат никаква политичка позадина, ниту пак имаат амбиции за вклучување во нечии партиски игри и калкулации. Единствени се во ставот дека не треба да се дозволи злоупотреба и извртување на историските факти против идејата за македонска државност, чие постоење е потврдено пред 80 години.та/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан