• недела, 22 декември 2024

Полицијата го растури пропалестинскиот протестен камп на Универзитетот УКЛА во Калифорнија

Полицијата го растури пропалестинскиот протестен камп на Универзитетот УКЛА во Калифорнија

Вашингтон, 2 мај 2024 (МИА) - Стотици службеници на автопатот во Калифорнија рано утринава се упатија низ барикадите и толпата демонстранти до плоштадот во центарот на кампусот на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес (УКЛА) за да го разбијат шаторскиот камп поставен во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, јавија британските медиуми.

Претходната ноќ кампот на студентите кои протестираа бил нападнат од приврзаници на Израел, пренесе БТА.

Телевизиските снимки покажаа најмалку шест лица уапсени во кампусот на УКЛА. За време на судирите меѓу студентите и полицијата одекнале неколку експлозии.

Демонстрантите со рачно изработени штитови и раширени чадори се обидоа да ја спречат полицијата со шлемови кои упаднаа во шаторскиот камп.

Локалниот телевизиски канал КАБЦ прикажа меѓу 300 и 500 демонстранти во забарикадираниот камп и околу 2.000 поддржувачи на протестите надвор од барикадите.

Раководството на универзитетот вчера ги откажало сите часови по жестокиот судир меѓу демонстрантите во кампот и група маскирани контра-демонстранти кои извршија ненадеен напад во вторникот доцна навечер.

Пропалестинските демонстранти тврдат дека нивните противници фрлале бомби врз шаторите. Вчера рано изутрина интервенираше полицијата за да воспостави ред. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан