• недела, 22 декември 2024

Платформата за ХИВ апелира да се врати минимален буџет од 130 милиони денари за заштита на населението од оваа инфекција

Платформата за ХИВ апелира да се врати минимален буџет од 130 милиони денари за заштита на населението од оваа инфекција

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Платформата за ХИВ составена од 14 граѓански организации денеска од пред Владата побара во буџетот за 2025 година да се предвиди неопходниот буџет за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекцијата. Како што посочија, потребни се 130 милиони денари од кои 109 милиони за обезбедување лекови и 21 милион за да се одржат на сегашното минимално ниво услугите за превенција. 

- Со износот од 90 милиони денари, предвиден во Предлог-буџетот за 2025 година, оваа Програма е неоправдано скратена, наместо да биде зголемена. Тој е недоволен ниту за да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти, вклучувајќи ги и новите случаи што ќе бидат дијагностицирани во текот на следната година, додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира, посочија претставници на Платформата.

Во моментот, околу 130 пациенти со ХИВ или 30 отсто од пациентите примаат застарена терапија што веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во регионот поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, беше истакнато од страна на Платформата за ХИВ.

- Секој граѓанин има право на здравствена заштита. Програмите за превенција се токму тоа за околу 8.000 граѓани кои се маргинализирани, а голем дел од нив се и надвор од системот. Доколку не се обезбедат неопходните минимум средства, овие луѓе ќе останат без пристап до основна здравствена заштита, а ќе се укинат услугите за доброволно и доверливо ХИВ-тестирање - стационарни и мобилни, 13 програми за намалување на штети од употребата на дроги во 13 градови, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од рурални средини и маргинализирани заедници и други, беше наведено пред Владата.

Според Платформата, државата успешно има спречено епидемија на ХИВ кај лицата кои употребуваат дрога и тоа треба да се одржи.

- Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив, само 12 се лица кои инјектирале дроги. Во последните 10 години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување на штети евидентиран е само еден нов случај на ХИВ преку инјектирање на дроги. Токму поради овие програми, Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето кои инјектираат дроги, изјави Влатко Деков од Здружението „Хопс“.

Андреј Сених од Здружението „Заедно посилни“ посочи дека ако се земе предвид бројот на направени тестови, граѓанските организации успеваат да дијагностицираат неколкупати повеќе случаи на ХИВ, отколку целокупниот јавен и приватен здравствен сектор.

- Тоа кажува дека кога би инвестирале повеќе во овие програми и во мерките на тестирање на ниво на заедницата, би откриле повеќе лица со недијагностицирана инфекција, а тоа е патот да ставиме крај на епидемијата на ХИВ во земјата, бидејќи кога ги дијагностицираме лицата и тие почнуваат со терапија, вирусот веќе не може да се пренесува на друго лице, потенцираше Сених.

Доколку не се обезбеди неопходниот минимум средства, како што посочија претставниците на Платформата за ХИВ, не само што нема да се заштеди, туку граѓаните ќе платат многу повисоки трошоци во следните неколку години.

- Кога луѓето не се дијагностицираат навреме, што се постигнува со овие превентивни програми, тогаш тие доаѓаат во здравствениот систем кога веќе имаат сериозни компликации, чие лекување бара долги хоспитализации и многу поскапи дополнителни терапии. Тоа го чини здравствениот буџет драстично повеќе отколку инвестирањето во превенцијата. Според тоа, ние како земја не смееме да си дозволиме да не инвестираме во докажани мерки за превенција. Тоа би било неодговорно кон парите на граѓаните. Се надеваме дека Владата ќе постапи во согласност со својата Фискална стратегија за периодот 2025-2029, како и до својата Програма за работа 2024-2028, што вели: „Особено ќе се залагаме за пристап до квалитетна здравствена заштита, посебно кај социјалните ранливи групи на население за ХИВ/СИДА и други сексуално преносливи инфекции, за абортус, за инфертилитет, за малигни заболувања на дојка и матка.“ Да не дозволиме како земја да се шири епидемијата на ХИВ во 2025 година, кога светот се движи кон ставање крај на овој проблем на јавното здравје. Веруваме дека Владата може да изнајде решение за ова прашање, нагласија претставниците на Платформата.

Платформата за ХИВ ја сочинуваат организациите: Здружение за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ - „Заедно посилни“ - Скопје, „Хера“ - Асоцијација за здравствена едукација и истражување - Скопје, „Хопс - опции за здрав живот“ - Скопје, Црвен крст на Република Северна Македонија, Здружение за сексуално здравје и права „Егал“ - Скопје, „Доверба“ - Скопје, „Стар-стар“ - Скопје, „Опција“ - Охрид, „Зона“ - Кавадарци, „Хелп“ - Гостивар, „Младински клуб“ - Штип, „Избор“ - Струмица, „Пулс“ - Куманово и „Виа вита“ - Битола. бд/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан