Платите на припадниците на грчката армија ќе се зголемат од 13 до 20 отсто
- Припадниците на вооружените сили во следните неколку месеци ќе добијат зголемување на нивните месечни приходи, што ќе се движи од 13 до 20 отсто и повеќе, а зголемувањето ќе зависи од чинот, позицијата на одговорност, раководната позиција и категоријата, соопшти министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 28 март 2025 (МИА) - Припадниците на вооружените сили во следните неколку месеци ќе добијат зголемување на нивните месечни приходи, што ќе се движи од 13 до 20 отсто и повеќе, а зголемувањето ќе зависи од чинот, позицијата на одговорност, раководната позиција и категоријата, соопшти министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас објасни дека станува збор за мерка во рамките на т.н „Агенда 2030“ за реформа на грчката армија, а зголемувањето на платите ќе се спроведува од 1 април 2025 година, ќе се финализира на 1 октомври 2025 година и ова, како што рече, е првата фаза.
Посочи дека зголемувањето на платите и додатоците изнесува 268 милиони евра, од кои околу 60 отсто се од заштедите во Министерството на одбрана врз основа на „Агендата 2030“, а останатите околу 40 проценти се дел од најавената владина мерка за зголемување на платите на сите државни службеници.
- Овие зголемувања претставуваат минимален знак за признавање на улогата што ја играат припадниците на вооружените сили и нивниот придонес во гарантирањето на безбедноста на сите Грци. Исто така, работиме и на начини за зголемување на платите и на цивилниот персонал, кој од своја страна исто придонесува во нашиот одбранбен сектор, истакна Дендиас.
Додаде дека сакаат припадниците на армијата „да живеат гордо, како што на нив е горда татковината“. ср/ссм/
Фото: Министерство за одбрана на Грција