• недела, 22 декември 2024

Планинари пошумуваа на локалитетот „Менкова колиба“, кумановско

Планинари пошумуваа на локалитетот „Менкова колиба“, кумановско

Куманово, 2 март 2024 (МИА) - Педесетина планинари од Здружението за планинарење и заштита на планината (ЗПЗП) „Козјак 2013“, денеска пошумуваа на месноста „Менкова колиба“. Учесниците во акцијата садат 1.500 садници бел бор.

- Целта е да се создаде зелена површина во околината на Куманово и на овој начин да се придонесе во борба против аерозагадувањето и глобалното затоплување, изјави Марјан Милановски, член на друштвото и планинарски водич.

Здружението за планинарење и заштита на планината (ЗПЗП) „Козјак 2013“ претходно организираше и планинарски акции за ученици, професори и родители од Куманово. Досега организирани беа неколку акции од Пелинце преку Враготурце кон „Големи Уши“ и кон Карпино. Активностите се спроведуваат со цел активирање на учениците да го поминат слободното време на планина и отворено. Пошумувањето, планинарските акции за учениците, здружението ги реализира во рамки на проектот „Планинарска инфраструктура-основа за туризам и здрави навики“, кој се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)“. Проектот се спроведува во „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)“, финансирана од Европската унија (ЕУ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со поддршка на општина Куманово.

Здружението утре ја организира празничната осмомартовска планинарска акција низ атрактивната „Бислимска клисура“. Тргнувањето е во 08:30 часот кај фудбалското игралиште во село Пчиња. Ова е традиционална акција и веќе има голем интерес. Должината на кружната патека е 14 километри. ам/лв/


Фото: ЗПЗП „Козјак 2013“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан