• вторник, 09 април 2024

Петровска за МИА: Нашата безбедност благодарение на членството во НАТО е доказ за важноста од носењето вистински одлуки во предизвикувачки времиња

Петровска за МИА: Нашата безбедност благодарение на членството во НАТО е доказ за важноста од носењето вистински одлуки во предизвикувачки времиња

Брисел, 16 февруари 2024 (МИА) - Благодарение на онаа храбра историска одлука што беше донесена во нашата држава за да се приклучиме во НАТО, денес не постојат ризици кои можеби директно би влијаеле на безбедноста по нашата земја од конвенционален аспект, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за МИА.  

- Оваа одлука покажува колку е важно државниците во одредени времиња, предизвикувачки времиња за нашата држава, да ги носат вистинските и исправни одлуки, нагласи Петровска во интервјуто дадено по завршувањето на вчерашното заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана во Брисел.  

Во однос на изјавата на претендентот за републикански кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп дека НАТО нема да ги штити европските сојузници што не издвојуваат „доволно“ за одбраната, Петровска нагласи дека документите на коишто почива Пактот, меѓутоа и начинот на кои се носат одлуките, укажуваат и покажуваат дека во Алијансата важи правилото дека сите сме заедно и сите се штитиме едни со други и сме дел од тој колективен систем на одбрана.  

- Така што, многу е јасно, многу се јасни одредбите од Основачкиот договор каде што ако една земја е загрозена тогаш сите членки на Алијансата реагираат. И од тука ми дава за право да дадам коментар дека се додека важат тие правила, а тие правила се всушност и основата на Алијансата, дека секоја земја поединечно ќе биде заштитена во случај ако има било каков тип на напад врз неа, потенцира Петровска. 

Сепак, според неа, многу важно е да бидеме свесни за другите видови на закани кои се можеби невидливи и се разликуваат од конвенционалните, односно за хибридните закани.

- Она што е многу важно и тоа многупати досега сум го споменала е дека при градењето на инструменти или механизми за одбрана или за борба со овие хибридни закани и хибридни влијанија, потребно е да се подига општествената свест или свеста во општеството, заради тоа што само во еден сојуз помеѓу институциите и останатите општествени субјекти може практично да го изградиме тој механизам за одбрана од хибридните закани, вели министерката за одбрана во интервјуто.   

Таа посочи дека целта на овие влијанија е поткопување на институциите и довербата во нив, како и влијание врз одредени процеси со цел нивно пореметување, спречување и оневозможување. 

- Република Северна Македонија за жал, има такво искуство. Се сеќаваме што се случуваше и се уште се случува во процесот на нашата европска интеграција која што е нашата втора стратешка и многу значајна цел, посочи Петровска, нагласувајќи дека Министерството за одбрана сериозно и посветено работи во борбата со дезинформациите и хибридните закани и тоа е еден од неговите најважни приоритети.  

Петровска најави и дека на почетокот на март во земјава се поканети да дојдат експерти од агенциите за набавки и за информации на НАТО, кои во дискусија со нашите компании ќе им го објаснат патот и начините уште подобро да се претстават на НАТО пазарот. 

- На став сме дека Владата ќе треба малку и поорганизирано да и помогне на домашната воена индустрија за да можат да се зголемат капацитетите за производство. Се разбира тоа ќе значи и подобрување на економијата во нашата земја, истакна Петровска.   

Посочувајќи дека можностите за настап на огромниот НАТО пазар не се во целост искористени, Петровска истакна дека Министерството за одбрана и Владата сакаат да им помогнат на македонските компании во наредниот период уште повеќе да бидат присутни на тој пазар и да постигнат поголеми резултати.   

- Тоа е само еден од начините како можеме да им помогнеме на нашите компании во нивното пробивање на НАТО пазарот, вели Петровска. 

Во тој контекст е и приклучувањето на Северна Македонија кон иницијативата за поддршка на производството на муниција и одбранбената индустрија, што ќе ни овозможи многу побрзо да го добиваме потребното вооружување и што е многу поважно за домашниот буџет да добиваме многу поповолни цени.  

- Во рамките на тоа апсолутно еден дел се однесува и на зголемување на домашните капацитети за производство, кои во Република Северна Македонија не се доволно развиени за жал, но бидејќи зборуваме за индустрија во која што инвестицијата е навистина исклучително скапа и чини многу, за што сме свесни, и свесни сме дека можеби малку приватните компании располагаат со ресурси самоиницијативно тоа да го прават, токму затоа како држава, пред се како Министерство за одбрана подготвени сме да излеземе во пресрет со поддршка, истакна Петровска. 

Во однос на претстојните избори, Петровска вели дека очекува сите учесници да бидат чесни и искрени кон граѓаните и со таква платформа и програма да настапат.   

- Моите очекувања, можеби некој ќе рече дека се наивни како за еден политичар и министер за одбрана, ама се многу искрени. Мислам дека тоа им го должиме на граѓаните. Тоа значи дека прво не треба да ги сокривме предизвиците со коишто нашата земја се соочува. Ако сакате ќе зборуваме отворено, тоа се во еден дел уставните амандмани за коишто навистина не чека носење на таа одлука и нема бегање од таа одлука. Треба да кажеме искрено и чесно, кој е нашиот план и која е нашата визија за тоа каде ќе се движи нашата држава во наредниот период и буквално да ги адресираме сите оние прашања коишто ги засегаат граѓаните секојдневно. И не само да ги адресираме, од нас се очекува да понудиме решенија. Меѓутоа реални, решенија кои се одржливи и решенија кои навистина можат да бидат спроведени. Мислам дека ако таков пристап имаме кон граѓаните, на граѓаните ќе им биде многу лесно да ја одберат вистинската страна, оцени Петровска.

Во продолжение следува интегралното интервју со министерката Петровска. 

Денеска во Брисел учествувавте на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, кои беа темите на оваа средба?  

- Денес разговаравме, пред се и во фокусот како изминатите две години, за жал, се разговара и она што е најважно од се е дека и понатаму сме обединети и зборуваме во еден глас, кога зборуваме за Украина. И осудата, меѓутоа и поддршката која што и како Алијанса, меѓутоа уште поважно секоја земја од нас, од сојузниците поединечно на билатерално ниво и ја даваме на Украина. 

Украина за жал се уште е во војна, не по своја вина од наметнатата и неоправдана со ништо руска агресија. Како земји кои се залагаме за владеење на правото, демократијата и заштитата на човековите права имаме пред се морална обврска да и помогнеме на оваа земја. Една од точките се разбира за кои дискутиравме беше Украина, уште еднаш потврдивме дека нашите заложби ќе продолжат и во наредниот период, односно поддршката ќе продолжи се додека тоа и е потребно на Украина. 

Каква е оценката за безбедносна ситуација имајќи ги предвид и војната во Украина, конфликтот на Блиски Исток, постојат ли евентуални ризици по нашата земја?

- По нашата земја не постојат ризици кои можеби директно би влијаеле на безбедноста од конвенционален аспект, и тоа многупати досега го кажавме и тоа е благодарение пред се на онаа храбра историска одлука која што беше донесена во нашата држава, а тоа е за приклучување во НАТО Алијансата, нешто што граѓаните повеќе од 30 години го очекуваа за и за наша голема среќа, веќе тој сон го живееме. И само оваа одлука покажува колку е важно државниците во одредени времиња, предизвикувачки времиња за нашата држава, да ги носат вистинските и исправни одлуки. 

Денеска се разбира од аспект на министри за одбрана зборувавме и за тоа со кои предизвици се соочуваме и ќе се соочуваме во наредниот период. Но, она што е особено важно е дека допревме и зборувавме за една тема која е навистина важна и значајна, а тоа е развојот на воената индустрија, зголемување на капацитетите на воената индустрија, меѓутоа исто така и за тоа дека секоја земја членка треба да ги гарантира своите национални, меѓутоа и контрибуцијата во однос на гарантирањето на колективната безбедност во чиј систем сме и ние самите дел. 

Република Северна Македонија напредува добро, би рекла во тој дел, затоа што оние долгорочни планови кои се направени и пред нашето пристапување во Алијансата, а беа дел односно пристапот на пристапување и меѓутоа и сите оние стратешки документи кои подоцна се изработуваат како начин на кој што всушност се води одбраната и се конципира во овој период се исполнуваат онака како што тоа е замислено и со соодветните нели задачи, исполнувањето во рамките на соодветни рокови, за што се разбира е потребно освен човечки ресурси кои се посветени и работат на тоа, меѓутоа е потребна и финансиска поддршка или нешто што ние го нарекуваме буџет на одбраната.  

Зборувавме и за тоа до каде односно кои од земјите членки го исполнуваат оној процентот од два отсто од БДП. За среќа Република Северна Македонија, навистина ми е задоволство што можам да кажам, го постигнува тој процент, веќе од 2024 година, над два проценти или точно 2,05 проценти од БДП на нашата држава, се одвоени за одбранбениот буџет на нашата земја.  

Што значи дека сите оние проекти кои се претходно започнати, а се дел од процесот, големиот процес на модернизација на македонската армија, а ќе продолжат и во текот на оваа година, меѓутоа се разбира во тек се и планирање на новите такви процеси, кои ќе значат пред се зајакнување на нашите национални капацитети и се разбира со тоа придонесување и во тоа што го нарекуваме зголемена колективна одбрана и одговорност како земја членка. 

Зборувавме, се разбира, и за тоа како да помогнеме на воената индустрија и тие дискусии коишто ги имавме и со колегите, меѓутоа и со колегите министри други во Република Северна Македонија, во Владата, сме на став дека Владата ќе треба малку и поорганизирано да и помогне на домашната воена индустрија за да можат да се зголемат капацитетите за производство. Меѓутоа се разбира и тоа ќе значи подобрување на економијата во нашата земја.  

На почетокот на март, со задоволство ќе го откријам тоа сега, во процес на планирање е, поканивме претставници од двете агенции во НАТО, и Агенцијата за набавки, меѓутоа и Агенцијата за информации и телекомуникации, односно комуникации, коишто ќе дојдат експерти на експертско ниво, ќе дојдат во Република Северна Македонија и во соработка со стопанските комори на нашата држава, ќе организираме една заедничка работилница на која што ќе биде претставено на кои се начини уште подобро македонски компании да се претстават на НАТО пазарот. НАТО пазарот е огромен пазар. Таа можност до сега согласно податоците коишто располагаме како Министерство и наши согледувања, не е во целост искористена и токму како Министерство, како Влада, сакаме да им се најдеме на тие компании, на компаниите македонски, практично во наредниот период уште повеќе да бидат присутни и се разбира да постигнат поголеми резултати.  

Токму затоа ги покануваме точно токму најповиканите би рекла од овие две агенции коишто во една дискусија со компаниите ќе им го објаснат патот, меѓутоа и доколку било која од компаниите се соочува можеби со некој предизвик апсолутно ќе им биде од полза таков вид на работење. Сето тоа е само еден од начините како можеме да им помогнеме, како Министерство за одбрана, како Министерство кое има еден од најголемите буџети, би рекла, сепак да им помогнеме на нашите компании македонски во нивното пробивање на НАТО пазарот. 

Во контекст на одбранбеното производство, денеска го потпишавте писмото за намери за поддршка на производството на муниција. Колкав може да биде нашиот придонес во тој дел и во контекст на оние еден милион парчиња муниција за Украина? 

- Потпишувањето или приклучувањето кон таа иницијативата која што на Обединетото Кралство е дека всушност ќе имаме неколку придобивки. Тоа е дека ќе учествуваме заедно со земјите потписнички во заеднички набавки. Тоа значи дека ќе ни се олеснат процедурите кои ги имаме, многу побрзо ќе ги добиваме испорачани бараните средства, бараното вооружување, односно муниција, во конкретниов случај. И што е многу поважно за домашниот буџет, е дека ќе добиваме многу поповолни цени заради тоа што настапуваме здружено повеќе земји членки.

Во рамките на тоа апсолутно еден дел се однесува и на она што пред малку го зборував, а тоа е зголемување на домашните капацитети за производство, кои повторно ќе кажам во Република Северна Македонија не се доволно развиени за жал, но затоа и бидејќи зборуваме за индустрија во која што инвестицијата е навистина исклучително скапа и чини многу, за што сме свесни, и свесни сме дека можеби малку приватните компании располагаат со ресурси самоиницијативно тоа да го прават и токму затоа како држава, пред се како Министерство за одбрана, кои сме свесни за предизвиците со кои ќе се соочуваме во поглед на вооружувањето и на македонската армија, меѓутоа и на останатите армии, подготвени сме да излеземе во пресрет со поддршка. 

Пред околу два месеци бевте дел од владината делегација што ја посети фабриката во Самоков каде што се произведуваат дронови. Дали постои интересот на сојузниците од НАТО за набавка на овие дронови?  

- Производството се уште не е започнато, компанијата е во некоја почетна фаза. Потпишавме Меморандум за соработка со компанијата во која што Армијата или експертите, стручните лица од Армијата ќе и овозможат да ги доразвие тие дронови и се разбира многу наскоро очекуваме да започне и самото производство.  

Како Министерство и како Армија сме заинтересирани се разбира пред се ние да имаме дронови кои ќе се произведуваат во нашата држава, меѓутоа побарувачката на дронови како најсовремено и најмодерно вооружување и средство со кое секоја армија треба да располага апсолутно е отворена и тоа е добро заради тоа што сојузниците ќе бидат свесни, тоа ќе го направиме ќе направиме и една голема промоција со цел да бидат соодветно презентирани.  

Повеќе од убедена сум дека од квалитетот на дронот ќе зависи и интересот. Во овој случај, со оглед на тоа што ја имав таа можност ексклузивно да ми бидат презентирани перформансите на овој дрон, очекувам дека ќе има заинтересираност и од сојузниците. 

Претходниов викенд републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека НАТО нема да ги штити европските сојузници што не издвојуваат „доволно“ за одбраната. Тоа предизвика лавина на реакции, пред се во Европа, од каде што дојдоа најави за потребата од зајакнување на европска стратешка автономија, дури и за формирање на посебна европска армија. Ваш став за во однос на овие идеи?  

- Документите на коишто почива Алијансата, тоа се сите оние документи кои се дел од основањето и врз основа на кои е основана Алијансата, меѓутоа и начинот ако видите на сите оние состаноци, сите носат процесите на носење одлуки во Алијансата, укажуваат и покажуваат дека во Алијансата важи правилото дека сите сме заедно и сите се штитиме едни со други, и сме дел од тој колективен систем на одбрана. Така што, многу е јасно, многу се јасни одредбите од Основачкиот договор каде што ако една земја е загрозена тогаш сите членки на Алијансата реагираат. И од тука ми дава за право да дадам коментар дека се додека важат тие правила, а тие правила се всушност и основата на Алијансата, дека секоја земја поединечно ќе биде заштитена во случај ако има било каков тип на напад врз неа. 

Она што е многу важно е во да бидеме свесни за другите видови на закани кои се можеби невидливи и се разликуваат од овие конвенционалните, а за кои изминатиот период зборуваме многу и како држава, меѓутоа и во рамките на Алијансата, а тоа се хибридните закани... 

Со оглед на тоа што не очекуваат избори, какви се нашите капацитети за заштита не само на хибридните закани, туку и од ширењето на лажни вести и дезинформации, кои би можеле да влијаат на целиот изборен процес? 

- Министерството за одбрана, јас би рекла дека е можеби најнапредно и во препознавање, меѓутоа и во соочување со таквиот вид на хибридни закани. Токму заради ова што и пред малку го кажав, а тоа е дека можеби конвенционалниот тип на закани и не е тоа што ни е вистински реална закана, туку напротив овие хибридни закани за коишто впрочем и вие го поставивте прашањето. 

Она што е многу важно и тоа многупати досега сум го споменала е дека при градењето на инструменти или механизми за одбрана или за борба со овие хибридни закани и хибридни влијанија, потребно е да се подига општествената свест или свеста во општеството, заради тоа што само во еден сојуз помеѓу институциите и останатите општествени субјекти може практично да го изградиме тој механизам за одбрана од хибридните закани.  

Хибридните влијанија, треба да бидеме многу искрено и да кажеме дека нивната цел апсолутно не оди во прилог на тоа што значи развој на една држава, туку напротив нивната цел е поткопување пред се на институциите, да се покаже пред граѓаните дека тие се неспособни да се справат со некоја ситуација или со некоја состојба и се разбира на таков начин да ја поткопаат довербата во институциите. И во другите случаи исто така тие можат да значат и влијание врз одредени процеси кои се случуваат во државата со цел нивно пореметување, спречување, оневозможување итн.  

Република Северна Македонија за жал, има такво искуство. Се сеќаваме што се случуваше и се уште се случува во процесот на нашата европска интеграција која што е нашата втора стратешка и многу значајна цел всушност, меѓутоа би рекла и други помали прашања. Така што, градењето како клучен механизам или клучна алатка во борбата против хибридните дејствија и хибридните закани, јас би кажала дека тоа е формирање на општествена коалиција, помеѓу институциите и останатите субјекти во општеството и подигање на свеста за важноста од спротивставување и борба со хибридните закани. 

Министерството за одбрана, веќе кажав, дека навистина сериозно и посветено работи на оваа борба со дезинформации и хибридните закани и тие ни се еден од најважните приоритети. 

Вчера го потпишавте договорот за добороволен национален придонес на нашата држава во Одделот за јавна дипломатија на Алијансата. Ќе можете ли да ни објасните што всушност значи овој договор? 

- Ова практично е уште една придобивка каде што на што пред малку и зборував за тоа како Министерство се справува со дезинформациите, хибридните закани итн. Меѓутоа знаеме дека Министерството изминатиот период имаше неколку години практично добра оценка, а тоа е најдобрата оценка за транспарентност. Сакаме малку повеќе да поработиме и на подигнување на сопствените капацитети од тој аспект, значи севкупно, и со ова што документот што вчера го потпишав практично се овозможува период од шест месеци, меѓутоа со ротација, значи ќе има уште една ротација потоа итн. се додека сметаме дека е потребно, вработени од Министерството кои се занимаваат со оваа проблематика да престојуваат шест месеци овде, во зградата на Алијансата, не како дел од нашата мисија, меѓутоа како дел од структурата на Алијансата и практично да го стекнуваат своето искуство во оваа област.  

Се разбира по нивното враќање во Министерството тие ќе имаат можност тоа свое стекнато искуство и стекнато знаење за тие шест месеци, да го пренесат на своите колеги. Така што, тоа е уште еден би рекла корисен и важен начин на подигнување на капацитетите на вработените во Министерството.  

Изминатиов период во нашиот регион се актуелизира прашањето за повторно враќање на задолжителниот воен рок. Имаше такви најави од Србија, сега доаѓаат и од Хрватска. Имаше некаква најава за војничка обука во рамките на средното образование. Дали и кај нас се планираат такви идеи? 

- Идеите ги слушаме и најавите кои ги има од државите од нашето непосредно опкружување, меѓутоа и од регионот. Прво многу е важно да знаеме враќање или воспоставувањето на служење на задолжителен воен рок е национално прашање и тука нема правило во рамките на Алијансата... 

Колку тоа би го подобрило квалитетот на Армијата, во однос на професионалноста? 

- Јас би рекла дека професионалната армија е тоа што го држи квалитетот на Армијата. Изминатов период всушност тоа се покажа во Република Северна Македонија. Концептот на доброволно служење на воениот рок го напуштивме некаде 2005-2006 година и лично, ако јас се прашувам и како граѓанин, меѓутоа и како министер за одбрана, ќе кажам дека тоа е една од подобрите одлуки кои биле донесени во развојот на македонската Армија. Денеска имаме професионална армија, значи до 45 години се војниците кои се како професионални војници. Меѓутоа се разбира потоа постојат и други структури во Армијата од офицерскиот дел итн. 

Кога зборуваме за враќање, можност за враќање на воениот рок, треба да знаеме кои се последиците или предизвиците можеби со кои би се соочувале како држава. Прво и првенствено немаме зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок. Меѓутоа и не само од аспект на закана, тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и што е уште поважно тоа ќе значи дека на сите оние коишто ќе наполнат 18 години, ако тој биде задолжителен како што се размислувањата, идеите..., младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес. Така што тоа се во денешно време, кога знаете како младите жедни би рекла или да научат нешто повеќе или да заработат, прекратувањето или одлагањето на тоа нивно право мислам дека повеќе ќе биде на штета не само на нив, туку и на државата.  

Изминатиов период како што кажав, тој е многу долг период како имаме ние професионална армија во тој дел, градењето на капацитетите на македонската армија се случува во континуитет, резултатите кои ги гледаме преку нивното учество и во вежби, меѓутоа и во меѓународни мисии, навистина е за поздравување и сметам дека тој пат треба да го задржиме.  

Аргумент дополнителен е и тоа што и сега нашиот Закон препознава можност за доброволно служење. Верувајте дека интересот е многу мал. На едно пријавување дали има дури едвај некогаш и петмина кандидати пријавени. Така што, воопшто расположението очигледно во нашата држава дека нема расположение помеѓу младите, а велам дека нема ни оправданост од аспект на Министерството за одбрана.  

Дополнително што ние како Армија и Министерство, веќе во процедура го пуштивме концептот за резервен состав на армиските сили. Така што, можам да кажам, дека тој дел ни е совршено покриен.  

Особено исто така е многу важно да се спомене сега веќе деновиве го завршивме и конкурсот за прием на нови професионални војници каде што интересот е скоро еден према седум. За едно предвидено место има седум кандидати, што всушност остава можност да се изберат најдобрите. Се разбира дека исто така и за жал, тие кои отпаѓаат се исто така добри, меѓутоа бројката е ограничен на конкурсите. Интересот кој се појавува на тие конкурси е само уште еден од низата на аргументи зошто јас лично не би поддржала враќање на задолжителен воен рок.  

Вчера офцијално беа распишани двојните избори претседателски и парламентарни. Какви се вашите очекувања од овие избори и дали ќе се најдете на некои од листите? 

- Моите очекувања, можеби некој ќе рече дека се наивни како за еден политичар и министер за одбрана, ама се многу искрени. Мислам дека тоа им го должиме на граѓаните. А тоа е дека очекувам сите учесници на овие избори, без разлика дали ќе бидат тоа претседателските кандидати или и тие што ќе се натпреваруваме на листите за пратеници, очекувам да бидеме чесни и искрени кон граѓаните и со таква платформа и програма да настапиме.  

Тоа значи дека прво не треба да ги сокривме предизвиците со коишто нашата земја се соочува. Ако сакате ќе зборуваме отворено, тоа се во еден дел уставните амандмани за коишто навистина не чека носење на таа одлука, и нема бегање од таа одлука. Треба да кажеме искрено и чесно, кој е нашиот план и која е нашата визија за тоа каде ќе се движи нашата држава во наредниот период и буквално да ги адресираме сите оние прашања коишто ги засегаат граѓаните секојдневно. И не само да ги адресираме, граѓаните ги знаат проблемите, најважното - од нас се очекува да понудиме решенија. Меѓутоа реални, решенија кои се одржлви и решенија кои навистина можат да бидат спроведени. Мислам дека ако таков пристап имаме кон граѓаните, на граѓаните ќе им биде многу лесно да ја одберат вистинската страна.  

 

Сашко Панајотов

Видео: НАТО 

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан