Перез: УЕФА згреши, новиот формат на Лигата на шампионите не е добар
- Новиот формат на Лигата на шампионите со една табела не се покажа како добар и УЕФА треба да размисли за негово менување, смета претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.
Мадрид, 24 ноември 2024 (МИА) - Новиот формат на Лигата на шампионите со една табела не се покажа како добар и УЕФА треба да размисли за негово менување, смета претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.
-Мислам дека никој не мисли дека новиот формат на Лигата на шампионите донесе нешто ново. УЕФА го зголеми бројот на натпревари, но не гледам дека се поинтересни од претходно. И забележете го ова, во 122 години англиските екипи на нашиот „Сантијаго Бернабеу“ играле само 22 пати, а Арсенал само еднаш, а Манчестер Јунајтед исто толку пати гостувал во последните 16 години. Тоа е погрешно, рече Перез.
Првиот човек на Мадрид порача и дека Суперлигата на Европа е понеопходна од било кога.
-Денес, кога ме прашувате, јас сум пооптимист за формирањето на европската Суперлига од претходно. Тоа е единственото решение кое може да го реши проблемот со недостигот на квалитет во европските натпреварувања. Покрај сето тоа, УЕФА и ФИФА го зголемија бројот на натпревари, а денеска имаме 14 повредени играчи, истакна шефот на „белите“.
На претседателот на Реал Мадрид особено му пречеше тоа што при гласањето за најдобар играч на годината имаше и такви претставници на медиумите кои не му дадоа ниту еден глас на Винисиус Жуниор.
-Не можам да го разберам тоа. Дали е можно некој да не даде ниту еден глас за Виснисиус. Видете, ако не беа гласовите на новинарите од земји како Албанија, Уганда, Намибија и Финска, Вини ќе ја освоеше „Златната топка“, но тоа не значи да се потцени Родри кој го доби ова признание, но мислам дека тој го заслужи повеќе минатата, отколку оваа година. УЕФА мора да го промени системот на гласање, ова е толку лошо, рече Перез. дс
Фото: Принтскрин