Пендаровски: Мојата животна визија е Македонија да биде земја без внатрешни поделби
- Македонија да биде земја без внатрешни поделби, земја на соживот, држава во која се живее пристојно. Немаме повеќе време за губење и мора да го продолжиме патот кој досега го трасиравме, ова го порача вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски пред жителите на скопските општини Илинден и Петровец.
Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Македонија да биде земја без внатрешни поделби, земја на соживот, држава во која се живее пристојно. Немаме повеќе време за губење и мора да го продолжиме патот кој досега го трасиравме, ова го порача вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој одржа митинг во скопската општина Карпош а се сретна и со жителите на скопските општини Илинден и Петровец.
- Нема план Б. Ако не го смениме Уставот, нема да ги продолжиме преговорите со ЕУ. 25 години се занимавам со меѓународна политика и знам дека не може поинаку. Но, тие упорно велат дека одново ќе ги преговараат сите договори, рече Пендаровски. Потсети на владеењето на Груевски и на најголемиот проблем на државата, според него, иселувањето на младите. Изјави дека младите ќе останат дома само ако двојно се зголеми животниот стандард.
Пендаровски пред жителите на општина Карпош истакна дека ќе остане претседател за сите и ја побара нивната поддршка. Се осврна на неговата досегашна работа и додаде оти стои зад секоја своја одлука бидејќи, како што рече, резултатите се видливи. Државата четири години е членка на НАТО, најголемиот воен сојуз и загарантирана е нејзината безбедност. Според него, ако немавме надворешна блокада од Бугарија и внатрешна од ВМРО-ДПМНЕ за неколку години земјата ќе беше полноправна членка и на ЕУ.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски истакна дека имаат визија за иднината, волја, знаење, храброст и план како да ја внесат државата во ЕУ до 2030 година заедно со, како што рече, нашиот претседател Стево Пендаровски.
-Ние покажавме храброст и државнички капацитет. Тие покажаа кукавичлук и неодоговорност кон најважаното – иднината на државата. Ние носевме одлуки за подобро утре за сите наши граѓани – тие блокираа. Иако беше многу тешко, успеавме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, успеавме да испреговараме рамка во која имаме заштитен македонски јазик, идентитет и култура, потенцира Ковачевски.
Потсети на досега реализираните проекти, како поддршка на граѓаните и компаниите во време на повеќе кризи со 2,6 милијарди евра, зголемување на платите и пензиите. Порача дека продолжуваат на патот кон Европската Унија и усвојување на европските стандарди. Според него, тоа е единствениот начин за големи, суштински и темелни промени во македонското општество.
- Заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија. Ден и ноќ за европски животен стандард, за подобро образование, подобро здравство, за сузбивање на корупција, за држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните, рече Ковачевски. мд/ев/
Фото: СДСМ