• петок, 26 јули 2024

Брејкденсот - од улиците на Бронкс до олимписки спорт

Брејкденсот - од улиците на Бронкс до олимписки спорт

Њујорк, 9 јyли 2024 (МИА) - За неколку недели брејкденсот ќе го има своето деби на Олимпијадата, иако овој спорт, што некои некогаш го сметаа само за уличен танц, се појавил едвај пред 50 години.

Брејкинг е името под коешто новиот олимпски спорт се води на претстојните Олимписки игри, и со кое го нарекуваат на некои места од каде што потекнува. Оваа улична игра првпат стана популарна во 70-тите години во САД. Се појавила во њујоршката општина Бронкс, кога танчери се обиделе да импровизираат со стилизирани движења кон „брејк-битовите“ на ди-џејот. Акробатскиот стил на улично танцување набрзо станал еден од четирите столбови на хип-хоп културата, покрај диџејството (диск-џокеите), рап-рецитирањето и графитите. Танчерите ги добија називите б-момчиња и б-девојки, а она што го правеа е повеќе од обичен танц или спорт - таа нова култура ја изградува заедницата на Бронкс, пишува „Дојче веле“.

Според „Њујорк тајмс“, голем број лекари уште на почетокот предупредуваа дека оваа „мода“ е опасна, бидејќи може „да предизвика скинати лигаменти, скршеници на коските и многу посериозни повреди“. А, доколку танчерите не се во форма или ја немаат флексибилноста на младите ‘брејкери’, велат лекарите, тие секако би можеле да завршат со сериозни повреди, се надоврза „УС дејли“.

Како што се зголемуваше популарноста на брејкденс, така растеше и неговиот натпреварувачки елемент. Се појавија и дуели меѓу индивидуалци и сопернички тимови, па тие битки станаа централен дел од оваа култура.

Меѓународните натпревари првпат се одржаа во 90-тите години од минатиот век. Така, во тоа време сѐ погласни станаа и повиците - спортот брејкинг да се вклучи во спортските настани.

На почетокот на ова десетлетие почнаа и дискусиите за вклучување во Олимписките игри. А потоа - во 2018 година, брејкингот е вклучен во Летните младински олимписки игри во Буенос Аирес. Само една година подоцна, организацискиот комитет на Олимпијадата во Париз 2024. предложи брејкингот првпат да биде вклучен во редовната олимписка програма.

Кон крајот на 2020 година, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) објави дека овој спорт ќе биде вклучен во Летните игри оваа 2024 година.

- Ќе биде одлично за „брејкденсерите“, бидејќи ни дава поголемо признание, како и на спортот... И за Олимпијадата ќе привлече млади луѓе кои можеби нема да ги следат традиционалните спортови, изјави британскиот брејкденсер Карам Синг за Би-би-си.

Додека вклучувањето на брејкингот во Олимпијадата е во голема мера поздравено од заедницата, некои се загрижени дека сега тој станува „премногу мејнстрим“.

- Имаше многу контроверзии за тоа на сцената. Во основа, грижите се околу тоа да ја зачуваме суштината и културата и да не се изгуби во натпреварувачката машина додека продолжуваме да напредуваме и да се приближуваме до Олимпијадата, изјави б-девојката Логан „Логисткс“ Едра за „УСА тудеј“, како една од американските олимписки надежи.  си/ми/

Фото: Фрипик

Остани поврзан