Парламентарни избори во Косово: Одѕивот помал од изборите во 2021, не се забележани сериозни инциденти и нерегуларности
- Одѕивот на гласачите на парламентарните избори во Косово заклучно до 15 часот е е 28,32 отсто, односно правото на глас го искористиле 558.246 граѓани, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК). Излезеноста е помала во споредба со изборите во 2021 година. Тогаш до 15 часот гласале 567.934 граѓани или 32,32 отсто.
![Парламентарни избори во Косово: Одѕивот помал од изборите во 2021, не се забележани сериозни инциденти и нерегуларности](https://mia.mk/images/20250209172550_big_730x400_25.webp )
Приштина, 9 февруари 2025 (МИА) - Одѕивот на гласачите на парламентарните избори во Косово заклучно до 15 часот е е 28,32 отсто, односно правото на глас го искористиле 558.246 граѓани, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК).
Излезеноста е помала во споредба со изборите во 2021 година. Тогаш до 15 часот гласале 567.934 граѓани или 32,32 отсто.
Според избирачкиот список, бројот на косовски граѓани со право на глас во самото Косово е 1.970.944, а во дијаспората 104.924 лица. Косовските граѓани во дијаспората гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
Во Косово денеска се гласа 2.533 гласачки места. Гласањето почна во 7, а завршува во 19 часот.
Според организацијата „Демократија во акција“, цитирана од весникот „Коха диторе“, изборниот ден досега се одвива без проблеми, не се забележани сериозни инциденти или нерегуларности.
На деветите парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.
Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.
Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката заедница има три, турската заедница има две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг изнесува пет проценти.са/
Фото: ЕПА