• петок, 26 април 2024

Памела Ивановска од Кочани е победник кај средношколците на 12. Ораторски вечери на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Памела Ивановска од Кочани е победник кај средношколците на 12. Ораторски вечери на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Кочани, 29 март 2024 (МИА) – Памела Ивановска од СОУ „Љупчо Сантов“ го освои првото место од жири-комисијата во категоријата средношколци на 12. Ораторски вечери на Универзитетот „Гоце Делчев“, чиј организатор е Правниот факултет од Штип. Заедно со соученичките Даниела Алчинова, Ексенија Јанева и Илина Донева, таа се најде во финалето во кое имаше вкупно седум средношколци.

Низ слоганот „Размислувај слободно, зборувај гласно“, тие во своите говори на слободна тема, со сигурен став зад говорницата, ги истакнаа нивните критички погледи кон проблемите и аномалиите во нашето опкружување.

Ивановска говореше за лична загуба на член од своето семејство, осудувајќи го системот и жестоко напаѓајќи ги неправилностите на Одделението за онкологија, што беше актуелен настан по медиумите. Потресна приказна која неа ѝ донесе мала сатисфакција и огромна победа за нејзината храброст.

- Нашето училиште со посебна гордост ја истакнува и овогодинешната победа. Лани нашиот најдобар оратор Ивона Тодорова ја доби првата награда од публиката, а овој пат нашиот најдобар оратор Памела Ивановска е неприкосновен победник од жири-комисијата. Ваквиот успех низ спортска терминологија е познат како „дабл учинок“, истакнуваат од СОУ „Љупчо Сантов“.

Од кочанското средно училиште нагласуваат дека ќе продолжат да го негуваат ораторството со докажани таленти, подготвувајќи од нив гласноговорници кои ќе се одважуваат да зборуваат на теми за кои јавноста и институциите често премолчуваат. та/мд/

фото: СОУ „Љупчо Сантов“

Остани поврзан