• среда, 15 мај 2024

Отворен ден на СОУ „Ѓорче Петров“ за деветтоодделенците од Крива Паланка и Ранковце 

Отворен ден на СОУ „Ѓорче Петров“ за деветтоодделенците од Крива Паланка и Ранковце 

Крива Паланка, 1 јуни 2023 (МИА) - Деветтоодделенците од Крива Паланка и Ранковце имаа можност да се запознаат со достапните образовни насоки од гимназиско и стручно образование во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка на Отворениот ден што Гимназијата го реализираше во холот на училиштето, со интерактивна презентација за присутните.

-Професорите и учениците ги презентираа струките за упис во прва година за претстојната учебна 2023/2024 година. Во гимназиско образование се достапни: општествено-хуманистичко, природно-математичко и јазично-уметничко подрачје, додека во стручно образование достапни се пет дуални паралелки во соработка со локалните компании и можност за стипендии од 3500 денари месечно, изјави директорката Елена Ѓоргиевска.

Таа информира дека учениците можат да изучуваат медицинска сестра во соработка со ЈЗУ „Димитар Арсов“ - Крива Паланка, електротехничар за компјутерска техника и автоматика во соработка со „Дема-Стил“ ДОО, машински техничар во соработка со АД „Пролетер“ и ДППУ „Мелтон ДООЕЛ“, градежен техничар во соработка со АД „Гранит“ и Хантерс ДООЕЛ, Скопје, угостителска струка, келнер, слаткар, готвач, во соработка со Парк Гиновци ДООЕЛ, Ранковце.

- Покрај стипендии за сите ученици во дуално образование, со поддршка од Општина Крива Паланка се стипендираат талентираните ученици со високи образовни достигнувања, како и спортските успеси на учениците. Од училиштето новина е што ќе овозможиме бесплатно осигурување за сите ученици од наредната учебна година, ќе продолжи општинската финансиска поддршка за матурантите, а локалната самоуправа ќе воведе и нови мерки за дополнителна поддршка и стимулирање на учениците, информира Ѓоргиевска.

Пријавувањето на учениците ќе се врши електрoнски во јуни, првото пријавување е на 20 јуни до 24 часот и 21 јуни 2023 година до 15 часот, а потребните документи ќе се доставуваат до училиштето на 22 и 23 јуни, по објавувањето на ранг листата на запишани ученици на https://euslugi.mon.gov.mk и на интернет страната www.mon.gov.mk.

-Нашата гимназија е репрезентативна и препознатлива по одличниот едукативен развој на учениците, бројни високи награди од државни натпревари со државни прваци во многу области: природни науки, спорт, македонски јазик, странски јазици, математика. Имплементацијата на многу меѓународни проекти отвора нови перспективи за младите,  нашата воспитно-образовна институција е високо рангирана и на планот на безбедноста и хигиената, а училиштето е препознатливо по позитивна работна атмосфера и училишна клима, додава Ѓоргиевска. ид/мд/
 

Фото: МИА 

Остани поврзан