• петок, 28 јуни 2024

Меѓународниот ден на музеите одбележан во Берово

Меѓународниот ден на музеите одбележан во Берово

Берово, 15 мај 2024 (МИА) - Во историско-етнолошкиот музеј на Град Берово денеска се одржа настан со тема „Музеи за едукација и истражување“. Со настанот, како што информираше директорот на музејската постановка во Берово, Звонко Скендерски, установата се вклучи во глобалното одбележување на Меѓународниот ден на музеите.

-Преку презентација за историскиот развој на музеите и нивната улога, дејност и значење во денешното современо општество, учениците од ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ и Туристичко-угостителската насока при ОСУ „Ацо Русковски“ - Берово, имаа можност да ја согледаат важноста на овие културни институции и нивниот придонес кон сеопфатно образование на луѓето од сите генерации, истакна Скендерски.

Музејот, како што додаде, е честа мета на туристи кои сакаат да научат нешто повеќе за Малешевијата и нејзиното културно историско наследство.

-Музејот често го користиме и за разни други настани, како концерти со одбрани гости, разни презентации, промоции, соработувајки со уметници како од Берово, така и од странство, додаде Скендерски.

Меѓународниот ден на музеите, како што беше кажано во рамки на настанот е глобален настан кој се одбележува секоја година на 18 мај, почнувајќи од 1977 година и во кој преку најразлични активности учествуваат над 40.000 музеи од 138 земји низ целиот свет, вклучувајќи го и Историско-етнолошкиот музеј на Град Берово.вс/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан