• недела, 22 декември 2024

Отворање на изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ

Отворање на изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Во Галерија МКЦ вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Професори и студенти“ на која ќе бидат претставени дела на професори и студенти од уметничките факултети и школи во земјава. Ќе бидат презентрани сликарски дела на платно и лесонит, графики изработени во техники како сува игла, акватинта и висок печат, а најбројни се делата изработени на линолеум – линорез.  

-Годинава изложбата се одржува вторпат, по минатогодишната, со тенденција да стане брендиран настан на МКЦ. Оваа година, точно сто години по отворањето на втората групна изложба во историјата на Македонија, и сто години по првиот, неуспешен обид за формирање Ликовна академија кај нас, се отвора втората групна изложба наречена едноставно: „Професори и студенти“, соопшти МКЦ. 

На изложбата, која ќе биде отворена до 23 јуни, ќе бидат претставени дела од универзитетски професори и студенти од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултетот за дизајн и мултимедија на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Факултетот за уметност и дизајн на Интернационалниот балкански универзитет, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово и „Скала“ – Школа за дијзан и уметност.

-Самиот број на застапени институции, како и на различните академските програми што тие ги нудат, говори многу за промената и за развојот на културната и ликовната свест во Македонија во изминатите сто години, а истовремено, и за сегашното високо ниво на уметничката и академската култура во нашата земја. Изложбата „Професори и студенти“ е амалгам од разни дела и место каде што се спојуваат ликовните гласови на уметници од различни уметнички академии. Основата, сржта на овој проект е заедничкото претставување на дела на професори и на нивните студенти, наведува МКЦ.

Изложбата ја организира Младинскиот културен центар со финансиска поддршка на Град Скопје. хс/мд/

Фото: Младински културен центар 

 

 

 

Остани поврзан