• понеделник, 04 ноември 2024

Осумдесет години од Денот на народното востание - 11 Октомври

Осумдесет години од Денот на народното востание - 11 Октомври
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Осумдесет години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава се одбележува денеска во земјава. Република Северна Македонија денеска го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание. Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и на гостите од странство денеска во 9 часот во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените. На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски. Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово. Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 9:30 часот. На свеченостите во Скопје ќе се обратат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски. Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман. Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера со манифестација, во организација на Владата и Општина Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот Прилеп Јованоски. Заев во обраќањето до присутните напомена дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година прави подобра држава, поубаво место за живеење. -Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, порача Заев во Прилеп и нагласи дека денес Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. -Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан, изјави Заев. Говорејќи за големината на овој празник Заев истакна дека нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата. -Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите, истакна премиерот во својот говор. Премиерот нагласи дека денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност, со место во Обединетите Нации, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, членка на НАТО. -Македонскиот јазикот се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредност, истакна Заев. Премиерот говореше и за добрососедските односи, нагласувајќи дека преку отворен пристап е  воспоставена соработка со сите наши соседи. -Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав. Никогаш, по никоја цена. Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, кога било, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа е 5 Мај, нагласи Заев. Говорејќи за членството во НАТО и придобивките од него, се осврна и процесот на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. -Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме. Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед, порача премиерот. Потсети на големата жртва, која е дадена, нагласувајќи дека во Втората светска војна нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви. Им оддаде почит на сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. -Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание! Нека ни е честита 80-годишнината од историскиот чин што ни ја донесе државноста, слободата и независноста. Да ни биде вековита Република Северна Македонија! Да живее слободата, порача премиерот во своето обраќање. На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија. ац/бк/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан