• петок, 22 ноември 2024

Основен суд Куманово за случајот со кумановските пратеници - незадоволните странки имаат право на жалба

Основен суд Куманово за случајот со кумановските пратеници - незадоволните странки имаат право на жалба

Куманово, 17 ноември 2023 (МИА) - Незадоволните странки имаат право на жалба, која ќе ја разгледуваат повисоките судови, се вели во денешното соопштение Основниот суд Куманово во врска со предметот во кој се инволвирани пратеници од Куманово. Од Судот укажуваат дека во образложението се наведени причините за донесената одлука.

- Основниот суд Куманово, врска со предметот за кој постои јавен интерес – постапката за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и надомест на штета, во која странки се двајца пратеници во Собранието на РСМ, во својство на тужител и тужен, ја известува јавноста дека постоење или непостоење на одговорност на тужениот, како и на евентуални основи за исклучување на одговорноста, се утврдува во текот на судската постапка, врз основа на презентираните докази, примена на позитивните законските прописи, а по слободно судиско уверување, а во образложение на секоја одлука се наведуваат и причините поради кои одлуката е донесена и прописите кои се применети при одлучувањето. Против првостепената одлука на судот, како што е тоа во конкретниот случај, незадоволната странка има право на жалба, која ќе биде предмет на оценка од повисоките судови, велат од кумановскиот суд.

Оттаму додаваат дека секое јавно толкување на судските одлуки, особено од претставници на законодавна власт се „вид на напад врз самостојноста и независноста на судската власт“ и може да ја доведе во заблуда јавноста и да ја зголеми недовербата.

- Секое јавно арбитрарно толкување на закони од јавноста, како и коментари на конкретни судски постапки и судски одлуки кои се во тек и кои не се правосилно завршени, особено кога доаѓаат од претставници на законодавната или извршната власт, претставуваат вид на напад врз самостојноста и независноста на судската власт, обид за притисок и влијание врз судовите на исходот на судската постапка, но и чин со кој се доведува во заблуда јавноста за работата на судовите, се нарушува угледот на судот и често и на судијата кој постапува по предметот, се зголемува недовербата на јавноста во судството, со цел остварување на одредени цели, велат од судот.

Пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ Бране Петрушевски е осуден со парична казна за навреда и клевета, упатена од собраниска говорница кон неговиот колега од СДСМ, Мартин Костовски. Петрушевски кажа дека поднел претставка до судскиот совет за судијата кој ја донел пресудата. ам/дма/


Фото: МИА архива 

Остани поврзан