• петок, 27 декември 2024

Османи: Подготвени сме да поддржиме влада без ДУИ до избори, ако опозицијата ги поддржа уставните измени

Османи: Подготвени сме да поддржиме влада без ДУИ до избори, ако опозицијата ги поддржа уставните измени

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е и портпарол на ДУИ, денеска објави дека неговата партија е подготвена до изборите да поддржи влада во која нема да учествува, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.

- ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!, објави Османи на Фејсбук.

Оваа идеја произлезе од денешната лидерска средба на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

- ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, изјави Мицкоски по лидерската и додаде дека на премиерот „јасно му кажал“ дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи.

Ковачевски на новинарско прашање по лидерската во врска со објавата на Османи рече дека во моментов не сака да коментира. - Јас ви кажав дека не коментирам, така што ставовите кога ќе ги искажат сите политички партии тогаш ќе можеме да изградиме заеднички став, рече Ковачевски, кој, пак во изјавата нагласи дека од средбата станало јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени.

- Добро е што ставот изутрината искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба, изјави Ковачевски по лидерската средба со Мицкоски. ац/сп/ 

 

Остани поврзан