• среда, 28 февруари 2024

Османи: Ако доаѓа Лавров во Скопје, нема да биде во билатерална посета, туку во земја домаќин на ОБСЕ

Османи: Ако доаѓа Лавров во Скопје, нема да биде во билатерална посета, туку во земја домаќин на ОБСЕ

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Кога би било потврдено доаѓањето на Сергеј Лавров во Скопје, тоа нема да значи дека тој доаѓа во билатерална посета на Северна Македонија, туку во земја домаќин на ОБСЕ. Вака денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи одговори на новинарско прашање во врска со ставот на министерката за одбрана Славјанка Петровска околу доаѓањето на шефот на руската дипломатија во Скопје, на претстојниот Министерски совет на ОБСЕ.

Како што објасни Османи, „во национален капацитет сме на ист став со министерката, но јас имам друга позиција, јас сум претседавач на ОСБЕ и затоа имам поинаков став“. 

Според Османи, уште се договара прелетот за евентуалното доаѓање на руската делегација, а опциите се Бугарија и Грција.

Во однос на позицијата на Киев, тој рече дека очекува секој да се издигне над националната позиција и да ја заштити организацијата. 

-Сигурно ќе зборувате со министерката. Во национален капацитет, се разбира, и јас би бил против како министер за надворешни работи. Но, тука рускиот министер за надворешни работи не доаѓа во билатерална посета. Не доаѓа во Северна Македонија, доаѓа во земјата домаќин на ОБСЕ во организација во која тие се членки - земјите учеснички, доколку дојде, повторно. И затоа, во национален капацитет сме на ист став со министерката. Јас има една друга позиција, јас сум претседавач на ОСБЕ и затоа имам поинаков став, напомена Османи.

Со вчерашната владина Одлука, потсети, дадено му е овластување на МНР да ја донесе политичката одлука.

-Министерството за одбрана го дава повикувачкиот број за прелетите. Тоа е техничка одлука што тие од безбедносно-процедурални прашања ги даваат повикувачките броеви за сите владини авиони. Значи, секогаш кога има барање на владин авион или дипломатски авион да дојде во земјава, ние бараме од Одбрана повикувачки број и потоа даваме дозвола како МНР, бидејќи не ги дава тие дозволи цивилната контрола, односно МАНАФ, тие ги даваат на цивилните авиони. За дипломатски ги дава МНР врз основа на повикувачки број што го дава одбрана. Затоа во одлуката на Владата стои МНР и Одбрана ќе ја донесат одлуката, односно ние ако процениме во МНР дека треба да дојде, ќе бараме од Одбрана повикувачки број за да они ни обезбедат. Тоа е прашањето. Мислам дека полека се разрешува тоа прашање, бидејќи и веќе нема време. Треба да се издаваат и визи. Нашата амбасада во Москва постојана работи, ги прима апликациите и тие треба да се обработат, рече објасни министерот. 

Во однос на договорите за прелет на руската делегација, тој не очекува причина соседните земји да се противат.

-Тоа уште се договара. Немам многу земји што се во опција. Тоа се Бугарија и Грција. Мислам дека доколку ние донесеме одлука, не гледам причина зошто соседните земји да се противат, бидејќи одлуката на ЕУ по однос на санкциите е јасна, вели „со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, со други меѓународни организации“, бидејќи Лавров беше и во Њујорк сега во септември, во САД. Но, во ОН, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје, ако дојде. Доаѓа во ОБСЕ. Мора таа разлика да ја направиме меѓу билатералниот и мултилатералниот карактер на посетата. Скопје е само местото каде ОСБЕ е овој пат, рече Османи. 

Комуникацијата со Киев, подвлече, е постојана.

-Во моментот ни е битно како да обезбедиме ОБСЕ да биде здраво и живо по скопскиот Министерски совет и ги правиме сите можни комбинаторики да ги убедиме сите дека ова е поинакво време. Зборуваме за организацијата, за иднината на организацијата. Очекувам секој да се издигне над националната позиција и да ја заштити организацијата која што е важна,..., истакна Османи. мч/дма/ 

фото: ЕПА 

Остани поврзан