• петок, 22 ноември 2024

Орбан: Унгарија нема да прима мигранти без разлика на одлуките на Брисел

Орбан: Унгарија нема да прима мигранти без разлика на одлуките на Брисел

Будимпешта, 13 септември 2024 (МИА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека земјата нема да стане имигрантска земја, што и да одлучи и да прави Брисел.

Орбан истакна дека од 2015 година, кога беше „врвот на мигрантската криза“, Унгарија постојано повикува на заштита на надворешните граници на Европската унија.

-Наместо да кука и да избегнува одговорност, земјата длабоко зема воздух, крена ограда и ги запре мигрантите. Унгарија им припаѓа на Унгарците, точка, изјави Орбан во интервју за Радио Кошут, пренесува МТИ.

Британските медиуми пренесуваат дека Орбан е уверен оти Европската комисија ќе и ги надомести на Унгарија трошоците за заштита на надворешната граница на ЕУ од илегалната миграција.

Унгарија во 2015 година ја затвори главната транзитна рута низ Унгарија за стотици илјади баратели на азил кои бегаа од војна и сиромаштија, зајакнувајќи ја поддршката меѓу своите сограѓани, но предизвикајќи сериозни критики од многу сојузници на ЕУ.

-Унгарија мора да биде обештетена за тоа што не чинеше заштитата на границите, рече Орбан.

Шефот на кабинетот на Орбан вчера изјави дека Унгарија е подготвена да ја тужи Комисијата за трошоците за заштита на границите, кои Будимпешта ги проценува на две милијарди евра, пренесуваат британските медиуми.

Во јуни, највисокиот суд на Европската унија пресуди дека Унгарија мора да плати казна од 200 милиони евра поради неуспехот да ги спроведе промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил на нејзината граница, одлука што Орбан во тоа време ја нарече срамна. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан