• сабота, 06 јули 2024

Општина Куманово ги повика здруженијата да понудат социјални услуги за ранливи категории граѓани

Општина Куманово ги повика здруженијата да понудат социјални услуги за ранливи категории граѓани
Куманово, 14 февруари 2023 (МИА) - Секторот за социјална и детска заштита денеска го објави јавниот повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на здруженија и други правни лица од подрачјето на Куманово за тековната година. Општина Куманово годинава одвои три милиони денари за поддршка на здруженијата кои нудат услуги на помош и поддршка на ранливи категории граѓани.
  • Оваа година за првпат општина Куманово разви социјален план, врз чија основа ќе се реализираат повеќе активности кои би сакале да ги поддржиме, почнувајќи од шелтер центар до деца со попреченост, така што зависно од организациите кои ќе се јават, зависно од нивните активности ние ќе се приспособиме спрема нашиот социјален план. Доколку активностите на социјалниот план и на некои невладини организации се поклопуваат нормално дека тие ќе имаат приоритет. Претходната година аплицираа две здруженија, „Инклузива“ и „Порака наша“, така што тие корисници на помошта ќе имаат приоритет, но, зборуваме и за нови активности, така што ќе гледаме да ги вклучиме и новите активности во рамки на нашите можности, т.е во финансиската конструкција на другите организации, да обезбедиме поддршка, изјави раководителот на секторот, Александар Крстевски.

Како подносители на барањата за остварување на правото на финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на територија на Општина Куманово, може да се јават здруженија и други правни лица кои треба да се регистрирани во Централен регистар на РСМ како здруженија на граѓани/правни лица, да имаат седиште на територијата на општина Куманово, да имаат статут и програма за работа за 2023 година, која опфаќа активности насочени кон ранливите категории на граѓани од областа на социјална заштита, да имаат минимум тригодишно активно постоење и успешно реализирани активности од областа на социјалната заштита на територија на Општина Куманово. Здруженијата треба да имаат работно ангажирано минимум две стручни лица и да имаат обезбедено соодветен простор за работа.

Барањето со целокупната документација се доставува во писмена форма, во рокот утврден во јавниот повик, во општинската архива или по пошта, со назнака: „До Комисија за разгледување на барања за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на здруженија и други правни лица на територија на Општина Куманово“-Општина Куманово, ул. 11 Октомври бб, 1300 Куманово“. Сите заинтересирани здруженија/правни лица, барањето за остварување на правото на финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на територија на Општина Куманово за 2023 година, можат да го преземат од страната на Општина Куманово www.kumanovo.gov.mk или на портирница во зградата на поранешен „Козјак“. Рокот за поднесување на барања за учество на јавниот повик ќе трае 15 (петнаесет) дена, односно од до 27 февруари, годинава.

Лани, финансиската поддршка на општината наменета за социјалната заштита изнесуваше два милиони денари. ам/цр

Остани поврзан